Фото: „Нова Македонија“

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ ДО 20 ГОДИНИ

Македонија и Франција во меѓусебен дуел денеска ќе го одредат победникот на групата И1, кој во утрешното полуфинале за пласман од деветтото до 12-то место ќе игра со селекција од групата И2 (Унгарија, Хрватска, Словенија или Србија)

Македонската репрезентација денеска (од 12 часот) се среќава со селекцијата на Франција во последниот натпревар од втората групна фаза за пласман од деветтото до 16-то место на Европското првенство за ракометари до 20 години, кое се игра во Словенија, со кој ќе се одреди победникот на таа група, во која беа и Полска и Романија.

Македонија и Франција со победите и во второто коло на групата И1, на дуелите со Романија (31-26), односно со Полска (41-27), завчера, со по четири бода веќе се пласирани во полуфиналниот дел во кој ќе бидат репрезентациите што ќе разигруваат за пласман од деветтото до 12-то место. Можни противници на Македонија во тоа утрешно полуфинале се селекциите во групата И2, Унгарија, Хрватска, Словенија и Србија.

Црвено-жолтите во овој втор дел од шампионатот ги победија селекциите на Полска (28-26) и на Романија (31-26), а во првата фаза славеа на дуелот со Црна Гора (31-21) и ремизираа со Хрватска (24-24) и со Австрија (20-20). За Македонија ова е шести настап на младинските континентални првенства.

Во главната рунда на годинашното ЕП, третото коло ќе решава за патниците во полуфиналето во трката за медали, откако во групата М1 разликата во бодовите од првата до четвртата селекција е два бода (Португалија три, Шпанија и Австрија по два и Исланд еден бод), а во групата М2 сите четири репрезентации имаат по два бода (Данска, Германија, Норвешка, Шведска). Во финалето на минатото младинско ЕП, во 2022 година играа Шпанија и Португалија (37-35) Н.М.