Фото: Игор Бансколиев

За нас е чест да учествуваме на ваков силен турнир, постои надеж дека на ова ЕП ќе обезбедиме полесна ждрепка за следното СП. Сакам во иднина да имаме континуитет како машката репрезентација, вели селекторот Савевски, пред денешниот прв дуел на ЕП 2022, од 18 часот. Свесни сме за квалитетот на противниците, кои се во европскиот крем. Имаме тешка група, но нема да истрчаме на теренот со бело знаме. Ако го оставиме срцето на теренот, ќе можеме да се надигруваме со секого, вели Саздовска

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

Македонската женска ракометна репрезентација денеска (18 ч.), против Франција, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го има првиот од трите големи предизвици на 15. Европско првенство (ЕП) што се игра во Словенија, Македонија и во Црна Гора. Македонија е можеби во најтешката група, во која се уште Холандија и Романија. Ова е вторпат ЕП да се одржува во Македонија, по она во 2008 година, кога македонската репрезентација беше седма. Првите три селекции од секоја група одат во следната групна фаза.
– Задоволен сум од составот, се наѕира селекција што може да игра блиску до стилот на светскиот ракомет. Секогаш им велам на ракометарките да гледаат како играат „големите“, да видат до каде се и дали имаме шанси да стигнеме до тоа ниво. Со сигурност ќе имаме најмлад тим на ЕП. Се надевам ќе успееме да направиме чекор напред во играта во транзиција, а во подготвителниот период работевме и на тактички план, иако не успеавме да најдеме противник за пријателски средби. Во нашиот состав имаме четири кадетки, а планирани беа шест или седум, имаме и јуниорки, како и други млади ракометарки. Ни недостигаат неколку искусни ракометарки, но имаме млади ракометарки, како Кипријановска и Младеновска, кои треба да го покажат својот квалитет. На сите ќе им дадам шанса да играат. За нас е чест да учествуваме на ваков силен турнир, постои надеж дека на ова ЕП ќе обезбедиме полесна ждрепка за следното СП. Сакам во иднина да имаме континуитет како машката репрезентација – вели селекторот Љубомир Савевски.
И покрај силната група, оптимизмот кај македонските ракометарки не стивнува. Такво е и размислувањето на левото крило Јована Саздовска.
– Свесни сме за квалитетот на противниците, кои се во европскиот крем. Имаме тешка група, но нема да истрчаме на теренот со бело знаме, туку веруваме дека можеме да добиеме некој меч. Ќе одиме на една победа, а најголема можност за успех, веројатно, ни е мечот со Романија. Долго сум во Романија и иако ја сметаме за полесен противник, сепак, тоа е многу квалитетна селекција, со ракометарки како Неагу, Пинтеа… Прв противник ни е Франција, тежок натпревар, но сметам дека ако го оставиме срцето на теренот, можеме да се надигруваме со секого. Очекувам полна сала и голема поддршка од публиката – вели Саздовска.
Франција на ЕП досега настапила 11 пати, сите во низа, а има по едно злато (2018), сребро (2020) и три бронзи (2002, 2006 и 2016). Таа е и актуелен олимписки шампион од Токио. Францускиот селектор Оливие Крумбхолц по подготвителна фаза, во која оствари две победи против Полска, во Скопје дојде со 20 квалитетни ракометарки, но без првата голманка Лора Глозер, која ја замени Ками Депуи, а нова капитенка ќе биде средниот бек на унгарски Ѓер, Естел Енз-Минко. Во составот ја нема ниту Александра Лакрабер, која беше на поширокиот список, потоа Алисон Пино, Калидиату Ниакате, а од порано со репрезентацијата се збогуваа голманката Амандин Лејно и левото крило Сираба Дембеле. Во однос на ЕП 2021, репрезентацијата е подмладена, ја сочинуваат ракометарки од 10 клуба, од кои пет од странство (Рапид, Ѓер, Ференцварош, Кристијансанд и Букурешт).
– ЕП е секогаш тешко и напорно натпреварување, на кое играат многу искусни ракометарки. Наша цел е да влеземе меѓу најдобрите четири селекции и да освоиме еден од медалите, оти имаме одличен состав. Сепак, наша главна цел е ЛОИ 2024 – изјави Клеопатра Дарле за француски „Л`екип“. Г.И.