Друга работа е впечатокот што се остави во јавноста, но по сѐ изгледа и меѓу самите репрезентативци со изоставањето на капитенот Митревски, кој само ден-два пред тоа „ги уби“ Фредериција. Намерата веруваме дека била најдобра, да се одмори големиот работник, можеби да им се даде можност на други, помлади негови колеги, да се зголеми конкуренцијата, но перцепцијата е дека штом селекторот со стаж во ракометот колку сите играчи заедно што играат моментално може да „си игра“ со составот и верува дека и без Никуч „ќе пројдеме“, тогаш зошто да не веруваат и „браќата“, Брус Ли или Фитиљ, и малку да се опуштат
Бура во македонскиот клупски и репрезентативен ракомет
Бурна е македонската ракометна сцена, и онаа на клупски, ама и онаа што се однесува на националниот тим. За десетина дена, колку што поминаа од моето последно „излегување“ во јавност со пишан збор, се случија едночудо настани. Националниот тим (не)успешно ги почна квалификациите за ЕП 2026, со пораз и победа на домашен со Естонија, односно во Литванија. Женскиот ракомет повторно е на подиумот во македонскиот ракомет, по долга пауза, овој пат (не)очекувано со вести од „црна хроника“, а двата најголеми спортски бренда во државата конечно седнаа некого на клупата. Од каде да почне сега човек…
Прво лошата велат, кажи ја прво лошата, потоа за оние поубавите вести.
Македонската јавност, па и не само онаа ракометната, изминатите денови повторно е згрозена од степенот на девијација што е достигнат во македонскиот спорт, односно до кој степен е руинирано општеството. Тие што го читаат овој текст веќе знаат за што станува збор и некои од нив се дури и изненадени.
Јас не сум!
Не сум зашто знам што се случува во државата, во спортот, во нашиот ракомет. Минатата година имавме други типови на девијација, кои не само што поминаа неказнето, туку сега гледаме дека за истите тие ќе има и „награди“, а овој пат казните се колку два годишни одмора и потоа повторно назад во борба за ваучер (или помодерно субвенции) и „колачот“ што треба да заврши во џеб. Живо ме интересира кој е тој спортски работник и со каква намера, кој дал наредба на млади девојчиња, кои треба да ги учиш на фер игра, натпреварувачки дух итн., не само да „попуштаат“ во одбраната, туку и да си постигнат понекој „автогол“?
Автогол во име на што?
Во име на тоа да се крене прашина и „информира“ јавноста дека и „овие новиве“ не водат есап за спортот, баш во момент кога „тргна работава“ и ќе се „опарат“ клубовите со заостанати субвенции од минатите години?
РФМ се огласи и изрече казни, министерот за спорт, како показна вежба дека ќе има нулта толеранција за ваков тип девијантни појави, „удри“ многу посилно и им ги „скина“ решенијата за спорт на двете екипи и им забрани да учествуваат во систем на натпреварување.
Одиме накај малку подобри вести или настани.
Националната ракометна светост, најуспешната спортска национална селекција, ги почна квалификациите за ЕП 2026, со главна цел продолжување на неверојатната низа настапи на големите смотри. Пласманот во Скандинавија на ЕП следната година, по извлекување на групата, не беше ни тема на муабет. Разбирливо, кога си во група со Словенија, која е ниво над нас, но и две селекции кои мнооогу ретко или никогаш не „заминале“ на некој голем настан.
Но…
Спомнав и на моето гостување на националниот сервис, пред, на полувреме и по натпреварот, дека Македонија, оваа Македонија, без Лазаров (на терен во опрема) и компанија, не е фаворит против никого и никаде доколку не е тимски силна, а може да „добие“ секого од втор, трет ешалон во светот доколку има дисциплина, доколку е комплетна и има прецизна навигација. Доколку атмосферата во тимот не е на (нај)високо ниво, играчите не се мобилизирани, нема фокус и респект спрема противникот, македонската национална селекција ќе има проблем и со многу послаби селекции од нашата (не дека Србија, Шпанија и особено Холандија немаа). Едноставно, ракометот или спортот веќе не е бауч на ниедна точка на Земјината топка, сите играат, учат, купуваат струка, создаваат инфраструктура, даваат значење и гледаат шанса за промоција.
Друга работа е впечатокот што се остави во јавноста, но по сѐ изгледа и меѓу самите репрезентативци со изоставањето на капитенот Митревски, кој само ден-два пред тоа „ги уби“ Фредериција. Намерата веруваме дека била најдобра, да се одмори големиот работник, можеби да им се даде можност на други, помлади негови колеги, да се зголеми конкуренцијата, но перцепцијата е дека штом селекторот со стаж во ракометот колку сите играчи заедно што играат моментално може да „си игра“ со составот и верува дека и без Никуч „ќе пројдеме“, тогаш зошто да не веруваат и „браќата“, Брус Ли или Фитиљ, и малку да се опуштат.
Трета работа е тоа што истиот тој селектор, на два натпревара им дава можност на одредени играчи што имаат скромно репрезентативно искуство (не мешајте со искуство во клуб, тоа се „баби и жаби) да покажат што знаат и умеат на фундаментални позиции во зоната или во нападот. Немаме дилема дека истите тие имаат голем потенцијал, но ова е сениорска селекција и тука нема простор за „учење“ во од. Или има, ама скапо се плаќа. Според мене, Македонија барем на овие квалификации нема да ја плати, но секако дека ќе извлече поука. А Лазаров, како искусен спортист, побрза да ја смири нацијата со изјава на својата веб-страница дека нема место за паника. А убеден сум дека лекцијата е научена, а тоа е најважно за еден спортист, тренер, жив човек, да учи од своите грешки.
Македонија секако еден ден ќе мора да продолжи и без Никуч, без Жаре или Фитиљ, но за некој да им „го земе дресот“ треба добро да се испоти и да покаже квалитет, но и константност. Овие нови момци покажаа (и низ клупскиот ракомет и низ младинските селекции) дека поседуваат квалитет, следуваат фокус, карактер и константност. Потоа може некого да „отпишеме“.
Читајќи го овој текст, некој ќе рече авторов многу време посветил на работи што не се поврзани со 6-0 или изолација, па еден на еден или два на два. Точно, затоа што мислам дека националниот тим не беше психички подготвен за двомечот овој ноември. Македонија немаше агресивност во зоната, немаше густина, немаше фокус. Едноставно не беше на потребното ниво. Противниците беа подготвени за нас, особено Литванија, која, и покрај својата корпулентност, одговори на предизвикот и ја спречи нашата транзиција, нашиот брз центар, нашите „лесни“ голови. „Децата“ што беа прв избор покажаа дека имаат уште малку „фурни за јадење“, уште година-две и ракометно и физичко надградување, ама и дека потенцијалот е тука. Правецот е тој.
Видовме дека Брус Ли е тој што прави разлика, заедно со Фитиљ, за кого Лазаров направи сѐ да одмори во фаза на одбрана, и кога „малиот“ има проблем (овој пат здравствен) и Македонија има проблем. Видовме исто така дека Ѓоргиев напредува и иако прерано беше фрлен во оган, на самиот старт на селекторувањето, полека си го наоѓа своето место во тимот, но и дека Серафимов напредна(л) физички и заедно со Велковски се стабилност на тимот на таа десна страна. Петар е како „супербинго“ или можеби новиот Бинго, и лета по теренот, но мора да работи на фокусот и на контролата на емоциите, затоа што во одредени моменти, поради опуштање, „фулна зицери“. Исто така, видовме дека Мечка и Аларов се тука кога треба да се „удри“ во зона, кога треба да се трча во два правца, и убеден сум дека двајцата ја спасија Македонија од убедлив пораз во Литванија, со својот солиден ефект во одбраната и поддршката за Кизиќ.
Голманите. Го добивме Кизиќ, го изгубивме Томовски. Барем во моментов така изгледа. Црниот Пантер е назад во Бундеслигата и единствен наш интернационалец, ќе му треба време да се адаптира пред повторно да биде важна алка во националниот тим. Сепак, голманската позиција е голема главоболка за Лазаров, во изборот на тројцата мускетари што ќе патуваат за Вараждин.
Да привршуваме полека.
Македонија, веќе три години под палката на Лазаров, ја поминува фазата на формирање и поставување темели и влегува во фаза кога треба или мора да се знае кој е костурот, кој може и на кој начин да влезе во „одбраното друштво“. Многу промаја не е на добро, а тоа го сфати и Кралот. Нацијата, разгалена, веќе не се задоволува со „бајпас“ и континуитет во однос на големите смотри и има (не)реални барања. Естонија и Литванија не се залутани, но не се ни во позиција да се прашуваат за пласманот во групата. Имаме отворена партија и понатаму и голема шанса да го продолжиме континуитетот. Ама за тоа не смее олабавување на тимот со потези што тешко се дешифрираат. Тоа веќе трипати го кажавме. Не смееме да дозволиме ни хазардерство или ставање на националниот интерес во втор план, затоа што ќе „кошта“ следниот пат.
Нѐ чека СП во Хрватска, а таму главна цел е Холандија, која се „сопна“ на Косово и покажа (пре)заситеност на елитата во тимот, без достојни замени за „потрошената роба“. Ама да не очекуваме премногу, за да не ја разочараме нацијата.
Вардар и Пелистер конечно добија „шефови“ и од пред некој ден влегуваат и во нова фаза. „Двократниот“ со нов тренер и стари проблеми, кои во моментов достигнуваат некое завидно ниво и му се закануваат на тимот, Пелистер со навидум добро решение во тренер од мејнстрим земја, која влече тренери како „свински црева“ и продава „ма.иња за бубрези“ низ цела Југоисточна Европа.
Ама ние сме во надеж дека тоа не е случај со Битола.
Се гледаме во сала!
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“