Репрезентацијата на Јужна Кореја на СП 2022 во Скопје оствари осум победи на исто толку натпревари, а во финалето со Данска славеше со 31-28. За најкорисна ракометарка е прогласена Минсео Ким (среден бек) од Јужна Кореја, а таа селекција има и уште два члена во олстар-тимот на шампионатот

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТКИ ВО СКОПЈЕ

Кадетската репрезентација на Јужна Кореја, за ракометарки до 18 години, ја совлада Данска, со 31-28, во финалето на Светското првенство (СП) што се одигра во Скопје и со тоа го освои првиот златен медал во својата историја во оваа категорија.
Со овој триумф, Јужна Кореја ѝ се реваншира на Данска за поразот во финалето на првото вакво СП што се одржа во 2006 година во Канада, кога Данска славеше, исто така, со три гола разлика (36-33).
Успехот на новиот светски првак се навестуваше, ако се има предвид дека на последните две СП во 2016 и во 2018 тие беа третопласирани. Репрезентацијата на Јужна Кореја на СП 2022 оствари осум победи на исто толку натпревари.
За Данска, пак, која досега има по две злата и бронзи, ова беше вторпат да загуби во финалето по она во 2016, кога Русија победи со 30-22. Трето место и бронза во Скопје освои Унгарија, која ја победи Холандија со 27-26 и првпат се закити со овој медал (има и сребро од СП 2018). Холандија засега има една бронза (од СП 2010). Најуспешна на кадетските СП е Русија, со три злата и едно сребро.
Македонските надежи го освоија 12-то место меѓу 32 селекции, а пред осум години, кога, исто така, Македонија беше домаќин, беше 17-та меѓу 24 селекции.
По завршувањето на финалниот натпревар беше прогласен и олстар-тимот на Мундијалот. За најкорисна ракометарка е прогласена Минсео Ким (среден бек) од Јужна Кореја, а најпрецизна е Џули Скаглионе од Данска со 62 гола.
Најдобриот состав на СП 2022 го сочинуваат: голманката Ида Кајсен (Данска), левото крило Џули Скаглионе (Данска), левиот бек Стела Хуселиус (Шведска), средниот бек Петра Симон (Унгарија), десниот бек Хуевон Ли (Јужна Кореја), десното крило Сеојеон Ча (Јужна Кореја) и пикерката Роме Маршалкерверд (Холандија). Г.И.