Ракометарите на Еурофарм Пелистер

За битолчани ова е седма првенствена титула, а претходно последен пат била освоена во 2005 година

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА, ПЛЕЈОФ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер, предводени од тренерскиот тандем Александар Јовиќ и Звонко Шундовски, се нови шампиони на Македонија. До посакуваната титула по пауза од 18 години (2005), тие стигнаа на коло до крајот од плејофот во македонската Суперлига, откако го совладаа на гостински терен тимот на Охрид (28-25), што претставува седма првенствена титула во досегашна клупска историја на битолчани.
Најголемиот конкурент во борбата за првото место Вардар (кој годинава триумфира во Купот на Македонија токму против битолчани во финалниот меч н.з.), предводен од тренерот Владо Недановски, во 13-то коло од плејофот, одигра нерешено (22-22) против Тиквеш во Кавадарци, па бодовната разлика во пресрет на последното коло помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар сега изнесува недостижни пет.
На мечот во Охрид, најдобар беше Цветан Кузманоски со девет гола, додека Жарко Пешевски постигна пет. Кај охриѓани најефикасен беше Стефан Дрогришки со пет погодоци.
На натпреварот во Кавадарци, пак, во редовите на Тиквеш прв стрелец беше Страхиња Симиќ со 10 гола, а кај вардарци Дејан Манасков, кој исто така десет пати ја затресе противничката мрежа.
На третата позиција е Алкалоид, кој има бод помалку од Вардар. Во ова коло од плејофот „фармацевтите“, во салата во Автокоманда, потешко од очекуваното триумфираа (29-27) над втората екипа на Еурофарм Пелистер. Кај избраниците на Кирил Лазаров најмногу голови, пет, постигна Давид Савревски, а кај гостинскиот тим Павле Петровиќ, осум.

Табела: Еурофарм Пелистер 39 (13 меча), Вардар 34, Алкалоид 33, Тиквеш 18, Охрид 15, Бутел 10 (12), Е. Пелистер 2 7, Пролет 6 (12). Г.И.