Европско првенство (ЕП) за ракометарки од 4 ноември во Македонија, Црна Гора и во Словенија не само што ќе биде последното со учество на 16 репрезентации туку и прво што ќе ги примени изменетите правила на игра. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), најновите промени дополнително ќе го зајакнат динамичното темпо на играта, а ќе придонесат и за безбедноста на голманите информираат од ЕХФ.
Првата измена е за правилото за пасивна игра. Максималниот број додавања што ги има напаѓачкиот тим е намален од шест на четири, откако ќе се покаже предупредувачкиот сигнал на судијата или пред да се изведе топката по прекин на играта. Доколку на напаѓачката екипа ѝ се додели прекршок (или аут), по завршувањето на четвртото додавање, тие може да имаат дополнително додавање за да го завршат нападот. Критериумите за тоа кога судиите треба да почнат да сигнализираат за пасивна игра остануваат непроменети.
Второто правило е за удирањето противнички голман по глава со топка од играч. Тука има два нови фактора. Правилото се протега од казнени удари до удари од отворена игра. Наместо црвен картон, стрелецот добива веднаш исклучување од две минути, ако го погоди во глава противничкиот голман. Исклучоци има, ако ударот доаѓа од играч што е надвор од рамнотежа поради прекршок направен над него, или од индиректен удар (по одбиена топка).
Третото правило е новиот простор за почетен удар по постигнат гол. Воведувањето нов простор за исфрлање на топката од четири метри ќе ја зголеми брзината на играта. Судиите ќе дадат знак штом топката и барем со една нога на играчот ќе бидат во просторот за исфрлање. Играчот може да се движи во просторот за исфрлање, но не и да ја одбие топката или да скокне. Противничките играчи мора да останат надвор од просторот и не можат да ја допрат топката или противникот додека не заврши изведувањето. Соиграчите мора да бидат или во својата половина или во полето за исфрлање. Играчот мора да го изведе почетниот удар во рок од три секунди откако судијата ќе даде знак, во спротивно противникот ќе ја добие топката. Г.И.