Сите ракометари од тимот на селекторот Кирил Лазаров ќе бидат во комбинација за настап на утрешниот дуел (18 ч. – пренос на МТВ) од првото коло од групната фаза на Европското првенство во Унгарија и Словачка со селекцијата на Словенија, откако на денешното тестирањето за коронавирус сите ракометари и членови на стручниот штаб имале негативен тест.

На нецели 24 часа пред тргнувањето за Унгарија во македонскиот табор имаше четворица позитивни ракометари, голманите Никола Митревски и Марко Кизиќ, левото крило Гоце Ојлески и левиот бек Михајло Младеновиќ и кондицискиот тренер Петар Баснарков и тие сигурно ќе ги пропуштат првите два меча на ЕП.

Втор противник на македонските репрезентативци ќе биде селекцијата на Црна Гора (сабота 18 ч.) која денес загуби уште тројца репрезентативци поради позитивни тестови на ковид, а во последниот дуел од групната фаза, црвено-жолтите ќе играат со актуелниот светски првак селекцијата на Данска (понеделник 20.30 ч).

Пласман во главаната фаза од натпреварувањето обезбедуваат двете најдобропласирани селекции по групната фаза.