Оптимист сум уште од почетокот на овој циклус, со надеж дека можеме да го промениме она што се случуваше во последните десет години, вели селекторот на македонската репрезентација, Љубомир Савески. Македонија и Холандија, кои досега не играле меѓу себе на ЕП, се среќаваат денеска (18 часот), во Скопје

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ

Македонската женска ракометна репрезентација по поразот со 14-24, од актуелниот олимпискиот првак и европски вицешампион Франција во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, во првото коло на 15. Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Словенија, Македонија и во Црна Гора, денеска (18 часот), ќе биде пред нов тежок испит против селекцијата на Холандија.
Репрезентацијата на Холандија, во првиот меч потешко од очекуваното славеше со 29-28 против Романија. Аплаузот од многубројната публика во салата по натпреварот со Франција треба да претставува мотив повеќе да се одигра подобро во мошне силната група Ц од ЕП.
– Против Франција имавме многу проблеми во нападот, дури 27 пати погрешивме, а направивме и десетина технички грешки, но добро е тоа што одигравме позитивно барем еден дел од натпреварот. Сепак, тешко е против ваква селекција да се даде гол од девет-десет метри. Задоволен сум од борбеноста, залагањето и од менталниот склоп на нашата репрезентација. Се обидовме да ротираме, но повеќето девојки од клупата се млади и не може да одговорат во фазата кога се крши резултатот, па така, веднаш од пет дојдовме до негатива од осум гола. Франција има многу моќна одбрана и сигурен сум дека е меѓу најдобрите на ова ЕП. Сепак, оптимист сум уште од почетокот на овој циклус, со надеж дека можеме да го промениме она што се случуваше во последните десет години – вели селекторот на македонската репрезентација Љубомир Савески.
Иако победи со 10 гола разлика, сепак Франција имаше проблеми во нападот со реализација од 44 отсто. Француската голманка, Клеопатра Дарло, беше прогласена за играч на мечот со девет одбрани, односно 64,2 отсто успешност, но во вториот дел не беше на голот. Главниот проблем на Македонките беше нападот, со реализација на скромни 26 отсто.

Франција, пак, го повтори своето најсиромашно по бројот на голови (14) прво полувреме на еден свој меч, по Европското првенство во 2000 година во Романија против Австрија. Средниот бек Моника Јанеска беше најефикасна на натпреварот со пет гола или 35 отсто реализација од вкупните погодоци на Македонките, а кај Франција Корел Ласурс со четири. Јанеска е и трета во успешните додавања на сите дуели во првото коло. Таа имаше 233 успешни додавања, а пред неа се Хрватката Валентина Блажевиќ (257) и Швајцарката Керстин Кундиг (253).
Левото крило Јована Саздовска, пак, го имаше вториот најбрз спринт (28,33 км/ч), а побрза од неа беше само Мариола Вјертелак од Полска (28,51 км/ч.).
– За жал, натпреварот го почнавме лошо, со многу технички грешки и промашени напади. Кога го постигнавме првиот гол, тоа беше големо олеснување за нас. Ќе продолжиме по планот што го зацртавме и верувам дека против Холандија ќе бидеме подобри. Мора сите да размислуваме позитивно – вели десното крило Сара Ристовска, која трипати им ја затресе мрежата на Французинките.
Селекторот на Франција, Оливие Крумбхолц, не беше задоволен од ефектот на нападот на својата репрезентација.
– Тоа е првиот натпревар, кој никогаш не е лесен. Победивме, но во нападот ни одеше потешко. Македонската одбрана беше добра, па на моменти имавме тешкотии. Но против Романија нападот ќе дејствува подобро – рече Крумбхолц. Г.И.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сребро и бронза на минатите ЕП

Во рамките на првото коло од групата Ц на Европското првенство за ракометарки, фаворизираната Холандија со 29-28 ја победи Романија. Најефикасни кај Холанѓанките беа Лаура ван дер Хајден со седум и Ангела Малештајн со шест гола, а кај Романките, Сорина Грозав, Елиза Бучески и Крина Пинтеа, сите со по пет погодоци, додека четирикратната најдобра ракометарка на светот, Кристина Неагу, постигна три гола. Холандија, денешниот противник на Македонија, предводена од новиот искусен селектор Пер Јохансон, е репрезентација што е во подем и во последните десетина години е меѓу посилните.
Иако на ова ЕП е без неколку силни ракометарки, како што се Даник Шнелдер, Тес Вестер, Мартина Смитс, Луис Абинг, Холанѓанките и понатаму имаат високи амбиции. Тоа и го докажаа со победите на пријателските дуели од Златната лига со Норвешка, Данска и со Бразил. Холандија досега има вкупно осум настапи на европските првенства, а првпат во 1998 година кога беше десетта.
Во 2016 година во Шведска го освои првиот медал (сребро), загубувајќи во финалето од Норвешка (28-29), но на следното ЕП во Франција е „бронзена“, совладувајќи го токму ривалот, кој го победи и сега, во Скопје, Романија (24-20). На ЕП 2020 во Данска беше на шестата позиција. Македонија и Холандија досега не играле меѓу себе на ЕП.


Црна Гора и Словенија со изненадувачки победи

Црна Гора и Словенија се најпријатното изненадување по првото коло на Европското првенство за ракометарки што е во тек. Црногорките остварија изненадувачка победа во салата „Морача“ во Подгорица (група Д), убедливо победувајќи ја фаворизираната Шпанија со 30-23. Јованка Радичевиќ и Ѓурѓина Јауковиќ постигнаа по пет гола, кај поразените Александрина Барбоса постигна пет, а Кармен Кампос четири гола.
Второто изненадување го приредија Словенките (најдобар пласман досега деветто место), предводени од најефикасната Ана Грос (осум гола), кои во салата „Златорог“ во Целје (група Б) остварија голема победа против трикратниот европски првак Данска, со 28-26, остварена во финишот на средбата. Кај Данска предничеше Јестер Остергард со седум погодоци.


ЕП 2022, ПРВО КОЛО

ГРУПА А, Љубљана
Унгарија – Швајцарија 33-28
Норвешка – Хрватска 32-23
Второ коло, вчера: Хрватска – Унгарија,
Швајцарија – Норвешка.

ГРУПА Б, Целје
Данска – Словенија 26-28
Шведска – Србија 27-21
Второ коло, вчера: Словенија – Шведска, Србија – Данска.

ГРУПА Ц, Скопје
Франција – Македонија 24-14
Холандија – Романија 29-28
Второ коло, денеска: Македонија – Холандија,
Романија – Франција.

ГРУПА Д, Подгорица
Црна Гора – Шпанија 30-23
Полска – Германија 23-25
Второ коло, денеска: Германија – Ц. Гора, Шпанија – Полска.

(сите први дуели почнуваат од 18 ч., а вторите од 20.30 ч.)