Трката за пласман во плејоф-завршницата во машката ракометна Суперлига станува сѐ поинтересна и понеизвесна. Дури шест екипи се во игра за освојување на првите четири позиции на табелата, кои носат место во разигрувањето за титула. Еурофарм е единствениот, кој со уште само една победа и теоретски ќе го завери пласманот во плејофот.

Со победата над Бутел (24-21) во дуелот од 13-то коло, Пролет ја потврди својата амбициозност и дојде на чекор до второ и третопласираните Пелистер и Бутел. И ракометарите на Охрид сериозно ја продолжија трката за плејоф по сигурната победа кај Вардар јуниор (29-18).

Со очекуван епилог од високи и убедливи победи завршија средбите меѓу Струга – Еурофарм и Борец – Пелистер. Еурофарм славеше со 29-19, додека, пак, битолчани над подмладената екипа на Борец со 37-20.

Од есенскиот дел од натпреварувањето, ракометарите имаат за одигрување уште едно коло, а другите четири кола од првата фаза ќе ги доиграат по завршувањето на Светското првенство (СП). Четирите првопласирани екипи заедно со Металург и Вардар, ќе играат во плејоф-завршницата за шампионската титула, додека, пак, другите шест ќе играат во плејаут-фазата за опстанок во лигата.