Со завршувањето на репрезентативната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ) продолжуваат клупските обврски на тимовите во Лигата на шампионите (ЛШ), во кои сигурна и доминантна игра на отворањето на 6. коло демонстрираа ракометарите на Барселона, Динамо и на Кадетен.

Шпанците на гостински терен го совладаа германскиот шампион Фленсбург, со 34-27, Динамо дома беше подобар на дуелот со Висла (29-20), а швајцарскиот првак Кадетен предводен од одличниот унгарски организатор на игра Габор Часар, кој постигна 16 гола од 19 шута, забележа убедлива победа над данскиот вицепрвак ГОГ, со 40-28.

Со мечот помеѓу полскиот првак Киелце и унгарскиот шампион Веспрем, денеска, од 15 часот, ќе продолжи колото, а на програмата се 11 меча. Според прогнозите на ЕХФ, најинтересен треба да биде дуелот помеѓу португалскиот првак Порто и францускиот вицепрвак Монпелје, кој е прогласен за натпревар на колото. Во преостанатите денешни мечеви (17.15 ч), францускиот гигант ПСЖ ќе го пречека солидниот состав на данскиот првак Алборг, кој сезонава прикажа одлични партии во изминатите пет кола. За освојување на врвот во групата Ц најмладиот тим сезонава во ЛШ, Савехов, во реванш-меч (16 ч) ќе се сретне со шпанскиот вицепрвак Бидасоа, кој му го нанесе единствениот пораз сезонава, а Спортинг и Кокс ќе имаат директен дуел за третата позиција во групата Ц. Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник денеска (18 ч., пренос на МТВ) ќе се обиде на гости кај словачкиот Татран да ја забележи втората победа сезонава.

По двата пораза, од Кил и од Веспрем, победа е единственото нешто за што размислуваат ракометарите на македонскиот првак Вардар, за утрешниот дуел (17 ч., пренос на МТВ) со белорускиот ривал Мешков, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Репрезентативната недела на ЕХФ ја зголеми листата на повредени вардарци, што претставува голем проблем за тренерот на црвено-црните Едуард Кокшаров.