Таа, пред сѐ, ќе ја зголеми атрактивноста на оваа игра за публиката во салите и за оние покрај малите екрани

Претстојниот ракометен фајналфор во Лигата на шампионите (ЛШ), во Келн (26 и 27 мај), првпат ќе се игра со новата т.н. топка „ибал“, која се очекува ТВ-преносите да ги направи многу позанимливи, па и повеќе од тоа. Европската ракометна федерација (EХФ) во текот на полуфиналната ждрепка за ЛШ во Келн, соопшти дека по 18 минати месеци на „опаметување“, на 70 години речиси истата топка, годинашниов фајналфор во ЛШ ќе биде игран со нова револуционерна топка.

Таа, пред сѐ, ќе ја зголеми атрактивноста на оваа игра за публиката во салите и за оние покрај малите екрани. Покрај тоа што стручните штабови ќе собираат мошне значајна статистика околу подготовките за своите натпревари преку добивање податоци за играчите, недостатоците на одбраните и голманите, ракометната публика во реално време ќе добива податоци за брзината на ударите на играчите (во текот на тестирањето се забележени и удари со брзина од дури 140 км на час), растојанието на шутерите од голот, точното место на кое одреден ракометар или целиот тим ги насочил своите удари кон голот, користејќи ги недостатоците на одбраната и, секако, голманите итн.

Оваа револуционерна топка е чувствителна и на противничките блокови, потоа на допирите со стативите и пречките од голот, што само по себе ќе внесе еден нов аспект во следењето на мечевите преку ТВ. Во текот на нејзиното тестирање дизајнерите имале задача компјутерскиот чип вграден во внатрешноста на топката да не влијае врз измената на нејзините особини, односно ракометарите со неа ќе бидат во состојба да направат сѐ што можеа и со претходната „неинтелигентнa“ топка.
ЕХФ овој интересен проект го почна во октомври 2016 година, а креаторите успеале да ја завршат првата верзија навреме, односно непосредно пред фајналфорот во Келн, на кој во полуфиналето бранителот на титулата Вардар, ќе се сретне со Монпелје, а во другиот меч ќе играат Нант и ПСЖ.