Живееме и работиме за деновите кога резултатите од нашата работа излегуваат на виделина. Овој наш концепт е многу благороден, не само за играчите и за клубот, туку и за националните тимови. Патот е долг и трнлив, но знаеме дека сме на добар пат, вели Филип Христов

Вистински луѓе на вистинското место е добро позната формула за успех. Истата таа формула Металург веќе одамна ја применува во својата развојна стратегија, ангажирајќи луѓе со исклучително високи знаења, вештини, со победнички менталитет и волја да се создаде спортски и ракометен инкубатор. Со ангажманот на Лино Червар во Скопје, сопственикот на клубот, Минчо Јорданов, почна визионерска и општествено одговорна мисија, а Металург почна темелно да ја гради и да ја реализира својата развојна стратегија, која успешно функционира, а по истиот пат ќе продолжи да работи и во годините што следуваат.

Повеќе години Металург важи за национален ракометен генератор, кој создава силен професионален погон, по примерот на светските спортски гиганти, со крајна цел, еден ден да има екипа составена исклучиво од домашни македонски играчи. Во своето 16-годишно постоење, ракометната академија на Металург успеа да ја формира една од најшироките мрежи на сопствени школи во Европа, во која тренираат околу 1.500 деца. Има своја сопствена лига во мини-ракомет во која учествуваат повеќе од 30 екипи од училиштата низ Македонија. Во Металург се школуваат и се продуцираат ракометари, репрезентативци, идни шампиони, личности од карактер, со високи морални и етички карактеристики, социјализирани и општествено активни.
– Голема чест е за мене што добив одговорна задача да ја водам ракометната академија на Металург, која е никулец на клупскиот ракомет и темел за репрезентативниот. Тоа е формулата за развојот, не само на ракометниот спорт, туку и за здрава спортска нација – рече Марјан Велевски, првиот човек на академијата.

Кои се плановите на академијата за наредната сезона?
– Засега сме присутни во петнаесетина училишта низ целата држава, од кои најмногу во Скопје. Но нашата замисла е во иднина да ја прошириме основната идеја за здравото тело и здравиот дух низ сите населени места во нашата држава. Тоа значи дека академијата на Металург ќе има мисија да ги пропагира и развива спортот и активностите на децата и младите како универзална и најблагородна идеја, за доброто на целата популација во Македонија. Во тој контекст ќе им овозможиме на што поголем број ученици од основните училишта да ги совладаат и тајните на ракометот. Во реализација сме на планот за посета на оние училишта што досега не биле опфатени со нашата досегашна програма, за да им ги презентираме нашите развојни идеи на одговорните и да се обидеме да отвориме нови ракометни школи и во тие средини. Се разбира, тука ни е неопходна добра соработка со стручните лица во училиштата, со кои заеднички ќе договориме планови за работа, според досегашната практика, а приспособени на спецификите на таа средина – прецизира Велевски.

Подигнувањето и создавањето на еден играч е долг и макотрпен процес, кој бара многу време, работа, трпение и упорност.
– Живееме и работиме за деновите кога резултатите од нашата работа излегуваат на виделина. Многупати досега сме биле горди на нашите Гоце Георгиевски, Филип Миркуловски, Дејан Манасков, Филип Талески, Жарко Пешевски, и не само на нив, годинава се гордеевме со Мартин Томовски, Мартин Серафимов, Димитар Димитриоски, Марио Танкоски, Милан Лазаревски, Мице Шилегов, Томи Јагуриновски, Никола Даниловски… сите плод на нашата ракометна школа. Но тоа не е сѐ што има Металург. И за сезоната што следува, на вратата на првиот тим чукаат неколкумина млади ракометари, кои досега беа дел од втората екипа, Металург 2. Тука не треба да ги заборавиме и девојките на Металург, кои пет-шест години доминираат во младинските категории, а годинава го вратија сениорскиот шампионски пехар во Автокоманда – изјави Филип Христов, директорот на женската екипа на Металург.

Најголемата поддршка во реализацијата на својот создавачки концепт, Металург ја добива од својот сопственик Минчо Јорданов, кој има неверојатно чувство за општествено одговорно работење, во интерес на пошироката заедница и долгорочни бенефиции за младите, но и за државата.

– Овој наш концепт е многу благороден, не само за играчите и за клубот, туку и за националните тимови. Сезонава Металург ја имаше најмладата екипа во историјата на Лигата на шампионите и во Регионалната лига. Од 20 играчи, кои ги имавме на располагање во клубот, 16 беа на возраст од 16 до 22 години. Тоа е цврста база и никој во Македонија, па и во регионов не може да се пофали со ваква структура на играчи, кои, меѓу другото, се и репрезентативци. Нема да биде лесно, но нашата мисија е да создадеме нов Миркуловски, нов Лазаров, нов Талески, нов Пешевски… Треба уште многу работа, но знаеме дека сме на добар пат – вели Христов, директорот на женската екипа на Металург.

[email protected]