Металург и Бутел Скопје ќе играат две квалификациски кола за пласман во новоформираната Лига Европа, додека Еурофарм Пелистер доби директно место во групната фаза. Ова стана познато откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави сите тимови што се пријавија за Лига Европа во новата сезона.

Термините за првото квалификациско коло се 29/30 август, а реваншите се закажани една седмица подоцна. Македонските претставници ќе ги дознаат ривалите во квалификациите на 28 јули.

Се очекува ЕХФ да ги објави деталите околу ждрепката и барабаните во текот на оваа седмица.

Директен пласман во групната фаза на Лига Европа, покрај Еурофарм Пелистер добија и Адемар Леон, Ним, Магдебург, Татабања, Висла Плоцк, Динамо Букурешт, Чеховски Медведи, Кадетен, Татран Прешов, Алингсас и Бешикташ.