Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави начинот по кој европските селекции ќе играат за пласман за Светското првенство (СП) в година во Египет, а ќе биде прво на кое ќе учествуваат 32 репрезентации. За европските селекции на СП во Египет ќе има 14 места (13 од квалификациите и светскиот првак Данска). Трите најдобропласирани селекции од ЕП 2020 ќе обезбедат директен пласман на СП, а за преостанатите 10 места ќе се играат бараж-дуели во април и во јуни.

Македонската репрезентација ќе игра во двата баража за пласман на СП 2021. Според квалификацискиот систем што го објави ЕХФ, во првиот бараж во април ќе учествуваат селекциите што не обезбедија место во олимписките квалификации и селекциите што ја минаа првата фаза од претквалификациите (Израел, Турција, Литванија и Романија). Ждрепката е предвидена за 30 јануари во Виена. Десетте победници од оваа фаза, заедно со осумте репрезентации што ќе играат во олимписките квалификации во април, ќе формираат девет двојки, кои по јунските дуели ќе дадат уште девет учесници на СП 2021.