Направивме темелна анализа на противничкиот тим и ги разработивме сите елементи на игра, кои сметам дека би ни биле корисни во градењето на нашата тактика и стратегија на игра. Сигурен сум дека ќе покажеме квалитетна игра, која ќе ни донесе позитивен резултат за пласман во групната фаза од Лигата на Европа, рече Кастратовиќ, тренерот на Металург пред мечот со Луцерн

МЕТАЛУРГ ВЕЧЕРВА ИГРА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛИГА ЕВРОПА

Со една рационална, концентрирана и борбена игра верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат во дуелите со Луцерн и да обезбедиме место во групната фаза во Лигата на Европа, изјави тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, во пресрет на денешниот дуел со швајцарскиот Кринс Луцерн, од 20.45 ч., во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје (без публика), во второто коло од квалификациите за пласман во ракометната Лига Европа.
Во првото квалификациско коло Металург ја елиминира Спачва од Винковци (Хрватска) со вкупен резултат 60-57. Луцерн, пак, беше подобар во двомечот со Дубрава од Хрватска со 57-46.

– Металург има огромно меѓународно искуство и јасно е дека тие ќе ја имаат улогата на фаворити во овие дуели, но и ние не сме без шанси и нема лесно да се откажеме. За нас ова е историска можност да влеземе во групна фаза на едно европско натпреварување. Таков пласман ќе значи празник за нашиот клуб и за нашите навивачи и затоа ќе дадеме сѐ од себе за да стигнеме до таа историска цел – изјави тренерот на Луцерн, Горан Перковац.
Тимот на Перковац во составот има 10 Швајцарци, тројца Словенци и по еден играч од Хрватска, Полска, Белорусија и од Чешка. Најефикасен сезонава кај Луцерн е белорускиот лев бек Глеб Харбус (лани прогласен за најкорисен ракометар), кој постигна 11 гола во дуелите со Дубрава и уште 29 во домашното првенство. Меѓу другите ракометари според ефикасноста се издвојуваат 19-годишниот Тим Релстаб, десното крило Левин Ванер, левото крило Адриан Блатер и пикерот Филип Гаврановиќ.

– Направивме темелна анализа на противничкиот тим и ги разработивме сите елементи на игра, кои сметам дека би ни биле корисни во градењето на нашата тактика и стратегијата на игра. Од тоа што го видов во неколкуте нивни одиграни натпревари, имаат добро организирана и агресивна одбрана, која во текот на еден натпревар знае во неколку наврати да смени формациска поставеност. Во нападот, пак, главниот збор го имаат Словенецот Лапајне и белорускиот лев бек Харбус. Верувам во квалитетот, искуството и желбата на ракометарите и сигурен сум дека ќе покажеме квалитетна игра, која ќе ни донесе позитивен резултат за пласман во групната фаза од Лигата на Европа – рече Кастратовиќ. Реванш-дуелот е по седум дена во Цирих.