Од 24-те ракометни селекции што настапија на Европското првенство (ЕП), три репрезентации остварија најдобар пласман во својата историја, две ги повторија своите највисоки достигнувања, а девет ги забележаа најслабите пласмани. Од тие што ги повторија своите највисоки пласмани се финалистите Шпанија, која, секако, и не можеше подобро, оти ја одбрани титулата од минатото ЕП, и Хрватска, која третпат освои сребро на континенталните натпреварувања.
Со највисоки достигнувања од ова ЕП може да се пофалат Норвешка (првпат освои медал, бронзен, а досега најдобар пласман ѝ беше четвртото место од ЕП 2016), Португалија (го освои шестото место, беше седма на ЕП 2000, а на континенталните првенства годинава заигра по 14 години пауза) и Австрија (сега е осма, беше деветта на ЕП 2010).
Деветте репрезентации што забележаа најслаби пласмани се од селекциите што не се пласираа во вториот круг од натпреварите. Во првата фаза на ЕП играа и трите селекции што дебитираа на европските првенства (Холандија, БиХ и Летонија).
ПЛАСМАН НА ЕП 2020
1. Шпанија
2. Хрватска
3. Норвешка
4. Словенија
5. Германија
6. Португалија
7. Шведска
8. Австрија
9. Унгарија
10. Белорусија
11. Исланд
12. Чешка
13. Данска
14. Франција
15. Македонија
16. Швајцарија
17. Холандија
18. Црна Гора
19. Украина
20. Србија
21. Полска
22. Русија
23. БиХ
24. Летонија
Извор: eurohandball.com
По голема битка на одбраните, Шпанија ја одбрани титулата
Во дуелот на најдобрата одбрана на првенството (Хрватска, 22,7 гола по меч) и најдобриот напад (Шпанија, 30,8), клучот за титулата беше во рацете на одбраните и на голманите
Со победата над Хрватска со 22-20 во финалето на Европското првенство (ЕП) што се играше во Стокхолм, Шведска, селекцијата на Шпанија ја одбрани титулата и стана втората репрезентација на која ѝ успеало тоа. Претходно Шведска во два наврати (2000 и 2002) ја одбрани титулата европски првак.
Во дуелот на најдобрата одбрана на првенството (Хрватска – 22,7 гола по меч) и најдобриот напад (Шпанија – 30,8 гола по натпревар), клучот за титулата беше во рацете на одбраните и на голманите. Хрватите беа тие што наметнаа темпо на игра и создадоа солидна предност од три гола (10-7), но тогаш на сцена стапи шпанскиот чувар на мрежата Гонзало Перез де Варгаз, кој со одличните перформанси на голот не им дозволи на Хрватите да стигнат до единствениот златен медал што недостига во нивната трофејна колекција.
Селекцијата на Шпанија е водечка по бројот на медали од европските првенства, вкупно осум (по два златни и бронзени и четири сребрени), а трета според бројот на златни одличја. Четири злата има Шведска, три има Франција, а Хрватска сега има по три сребрени и бронзени медали од ЕП.
ЕП 2020 низ изјави
Лино Червар, селектор на Хрватска: „Земји што ги немаше во ракометниот свет, сега имаат добри селекции, што значи дека не треба никогаш да се застане, туку макотрпно да се работи. Во Македонија мора да се работи со младите играчи, затоа што тие се иднината. Има многу таленти, само им треба доверба и шанса на теренот“.
Виктор Силаги, спортски директор на Кил: „Физички и психички подготвените ракометари добро знаат кога треба да ја нагазат топката или, пак, да стиснат на педалот за гас“.
Михаел Видерер, претседател на ЕХФ: „Се покажа дека ракометот се игра со срце, желба и со верба во себе, која може да помести планини“.
Чави Пасквал, тренер на Барселона: „Кога играш на ова ниво, нема изговори, мора да дадеш максимум“.
Лино Червар, селектор на Хрватска: „Тренерот е прв човек на тимот“.
Филип Јиха, тренер на Кил: „Ракометот оди напред, видовте, не играат имињата, потребно е најдоброто да се даде на терен“.
Талант Душебаев, тренер на Киелце: „За да се извлече најдоброто, потребно е да се фокусираш на една работа“.
Лино Червар, селектор на Хрватска: „Во добар тим сите се врвни и важни играчи“.
Маркус Флот, водител во салата во Виена за време на ЕП 2020: „За мене ракометот е најдобриот спорт, тој е нешто навистина посебно, има многу акција и нема период во кој ништо не се случува“.
Рекорден број гледачи
Европското првенство во ракомет во Шведска, Австрија и во Норвешка го собори рекордот според гледаноста. Така, рекордот од 400.000 гледачи на трибините од ЕП 2016 во Полска беше соборен по втората групна фаза со 420.000, а новата рекордна бројка е постигната по финалето, така што вкупно мечевите на ЕП во живо ги следеле 500.000 гледачи.
– Примивме апсолутно позитивни повратни информации за зголемениот број репрезентации на ЕП и за настанот на кој три земји беа домаќини. Европскиот ракомет дефинитивно стана поконкурентен со новиот формат – рече претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, кој во неделата вечерта им го предаде пласманот на победниците.
ЕП 2022 во Словачка и во Унгарија
Од Европското првенство (ЕП) годинава директен пласман на Летните олимписки игри обезбеди Шпанија, а на Светското првенство во ракомет, покрај Шпанија, уште и Хрватска и Норвешка. Следното ЕП на програмата е во 2022 година, а домаќини се Словачка и Унгарија. Мечевите треба да се играат во Братислава, Кошице, Будимпешта, Веспрем, Сегед и во Дебрецин.