АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП, МАЖИ

Тоа беше уште еден дуел на спустот меѓу фаворитите и овој пат Александар Омод Килде се искачи на врвот на патеката во Бивер Крик (САД) во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. За Килде (Норвешка) тоа беше втора победа сезонава, а славеше пред својот ривал Марко Одермат (Швајцарија) за само шест стотинки, за осмата победа во спуст во Светскиот куп. Згора, Килде се бореше со симптоми слични на грип овој викенд, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
– Тоа беше тешка недела. Ме фати грип во Лејк Луиз по убавиот викенд. Ме погоди навистина тешко. Скијав во облека за да не се потам. Вчера се чувствував многу подобро и тоа беше фантастично. Уште го чувствував тоа малку денеска, но имав доволно сила за две минути што ми беа потребни – изјави Килде, пренесе ФИС.
Килде е на второто место во генералниот пласман на Светскиот куп, додека скијачите се подготвуваа за супервелеслаломот во Бивер Крик вчера. Одермат, актуелниот шампион во генералниот пласман во Светскиот куп, уште нема победа во спуст во Светскиот куп, а ова беше петти пат да го освои второто место во таа дисциплина во СК.
Џејмс Крафорд (Канада) се најде на изненадувачкото трето место. Тоа е само втор подиум во кариерата во Светскиот куп за Крафорд, зад кој со само една стотинка побавно време беше Матијас Мајер (Австрија).