КОШАРКА – НОВИ ПРАВИЛА ВО НБА-ЛИГАТА

НБА-тимовите ќе можат да одмораат само по една кошаркарска ѕвезда по натпревар во новата сезона според новите правила во НБА-лигата, со потенцијални казни од милиони долари. Политиката за играње на кошаркарите ја дефинира ѕвездата како секој што бил избран во тим на сезоната во НБА или во олстар-тим во претходните три сезони, пишува „Би-би-си“.
– Ако сте здрав кошаркар во оваа лига, од вас се очекува да играте – вели комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер.
НБА-тимовите ќе одиграат 82 натпревари од регуларната сезона, почнувајќи од 24 октомври до 19 април. На клубовите им е кажано да „управуваат со својот список за да се осигурат дека не повеќе од една играчка ѕвезда нема да игра на еден ист натпревар“.
Тимовите ќе бидат казнети со 100.000 долари за првиот прекршок и 250.000 долари за вториот. За секое дополнително прекршување ќе има парична казна од еден милион долари повеќе од претходното.
Клубовите треба да „одржуваат рамнотежа“ помеѓу натпреварите на домашен и на гостински терен што некоја играчка ѕвезда ги пропушта, а тие треба да бидат достапни за сите натпревари што ги пренесува националната телевизија.
Ако здрав играч се одмора, тој мора да присуствува на натпреварот и да биде „видлив за гледачите“. Кошаркарските ѕвезди не можат да имаат „долгорочна пауза“, односно серија натпревари што ги пропуштаат.
Новото правило има исклучоци кога се работи за повреди, лични причини и однапред одобрени ограничувања за мечеви во серија, според возраста, обемот на работа во кариерата и историјата на повреди. Тимовите играат приближно секои два дена во текот на сезоната или 82 натпревари во текот на 178 дена. НБА го намали и бројот на тимови што мораат да играат натпревари во низа во различни градови, зголемувајќи го бројот меѓусебните натпревари на гости против ист противник. Г.И.