Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полска, која беше четврта на претходното ЕП, и Литванија, секако, се први фаворити во групата, така што за наш пласман на ова ЕП, конкурент ќе ни биде Естонија, која ни е стар должник од последните два натпревара, но и многу силна репрезентација, која е во подем, а сите нејзини играчи се интернационалци, кои настапуваат во лигите во Германија, Италија, Шпанија… Оптимист сум, а позитивно расположение владее и кај македонските кошаркари, изјави Јончевски во пресрет на првите мечеви во квалификациите за ЕП 2025, со Естонија, дома, на 23 февруари, и со Полска, на гости, три дена подоцна

РАЗГОВОР СО АЛЕКСАНДАР ЈОНЧЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА КОШАРКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Македонската кошаркарска репрезентација за 19 дена ќе го почне новиот циклус квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП), кое треба да се одржи во Летонија, Кипар, Финска и во Полска в година, со учество на 24 национални селекции. Македонија досега пет пати играше на ЕП, а најдобриот пласман го оствари во 2011 година, со освојувањето на четвртото место. Пред кошаркарите е нов циклус, а со тоа и нова шанса да се биде дел од европското друштво. Македонија на ЕП петти пат настапи во 2015 година. Во првото коло во новиот циклус, во групата Х, Литванија игра дома со Полска на 22 февруари, а следниот ден македонската селекција во Скопје, со Естонија. На 26 февруари се дуелите Полска – Македонија и Естонија – Литванија. За тоа што очекува, какви се шансите на Македонија и периодот што следува до почетокот на квалификациите разговаравме со селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски, кој неодамна го објави поширокиот список за овие квалификации, кој се разликува од претходниот, за олимписките квалификации.
– Контактирано е со кошаркарите, а особено со носителите на играта Војдан и повратникот Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, во каква форма се. Центарот Теодор Симиќ веќе три и пол месеци не тренираше, на последниот натпревар со неговиот Борац Бања Лука на теренот беше две минути. Зборував со неговиот тренер и добив информација дека не е подготвен за игра, оти му требаат повеќе тренинзи по толку голема пауза. Андреј Јакимовски не е на списокот оти во февруари му се најбитните натпревари, па не може да одговори на репрезентативниот повик, па во овие квалификации генерално ќе одиме во поинаков состав од тој за олимпискиот претквалификациски турнир. Секако, овој список не е дефинитивен, туку може да има и промени. Списокот ќе биде скратен пред Купот на Македонија на 15-16 играчи, а веќе следниот ден ќе бидат познати 14-те кошаркари со кои ќе настапиме против Естонија – вели Јончевски.
Во репрезентацијата првпат е и едно ново име, американскиот центар со македонски пасош Итан Хап, а на списокот е и бекот Ти Џеј Шортс.

– Решив да го повикам Итан Хап затоа што сме дефицитарни на центарската позиција. Итан е млад, висок, класичен центар, кој настапува за Гран Канарија во силната шпанска лига, каде што се играат квалитетни натпревари, а тој има добри бројки зад своето име. Беше во Скопје, поразговаравме, тој е заинтересиран и има желба да помогне со својата игра. Досега нема играно за репрезентацијата, а добивањето македонското државјанство одеше истовремено со она на Ти Џеј Шортс. Шортс, пак, знаеме дека е одличен играч, кој годинава со Париз постигнува извонредни резултати во Еврокупот. Но, да немаме ниту еден класичен центар, според мене, е рамно на самоубиство. Од друга страна, пак, тука е и Димитријевиќ, кој одлично игра во руското првенство. И бекот Кристијан Николов полека се враќа во форма во втората турска лига, па размислувам и на него – вели македонскиот селектор.
Собирот на репрезентацијата е еден ден по Купот на Македонија.
– Не се предвидени подготовки надвор од Скопје, од едноставна причина што првиот заеднички тренинг е в понеделник, а натпреварот со Естонија в петок. Тие тренинзи повеќе ќе ни бидат за да се консолидираме, бидејќи викендот пред собирот повеќето од играчите ги очекуваат тешки натпревари во Купот, некои интернационалци ќе дојдат од странство, па немаме многу време за некој голем маневар. Во натпреварот со Естонија во август, лани, во рамките на олимпискиот претквалификациски турнир, кој се играше во Естонија, а и порано, скок-играта ни беше дефицитарна, па оттаму и идејата да се ангажираат високи играчи. Играта под кошевите ни беше многу загрижувачка на тој турнир и ќе гледаме да се подобриме во тој поглед, а потоа секако ќе се концентрираме и на преостанатите аспекти од играта – рече Јончевски.
Од оваа група на ЕП 2025 ќе играат најдобропласираните две селекции, како и Полска, како еден од кодомаќините на континенталното првенство.

– Полска, која беше четврта на претходното ЕП, и Литванија, секако, се први фаворити во нашата група, така што за наш пласман на ова ЕП, конкурент ќе ни биде Естонија. Системот квалификации е ист како и за ЕП 2021. Тогаш ги имавме Русија, Италија и Естонија, а на ЕП се пласираа Естонците наместо ние. Естонија ни е стар должник од последните два натпревара, но и многу силна репрезентација, која е во подем, а сите нејзини играчи се интернационалци, кои настапуваат во лигите во Германија, Италија, Шпанија… Затоа првиот натпревар со Естонија во Скопје со добра навивачка атмосфера ќе биде многу значајно да го добиеме. Но, и да победиме или да загубиме, уште нема да биде решено ништо, но ќе биде битно за возвратниот меч, во следниот февруари, со каков резултат и со колку бодови ќе излеземе на нивниот терен. Оптимист сум, а позитивно расположение владее и кај македонските кошаркари. Сакаме да успееме и, по неколку години, повторно да се вратиме на едно ЕП, а некои играчи токму со тоа ЕП и би ја завршиле на убав начин својата репрезентативна кариера – изјави Јончевски.

[email protected]