Фото: ЕПА

Македонија е во третиот барабан за ждрепката во лигата Ц, заедно со Словачка, Северна Ирска и со Кипар. Романија, Шведска, Ерменија и Луксембург се во првиот, Азербејџан, Косово, Бугарија и Фарски Острови во вториот, а Белорусија, Естонија, Летонија и Литванија или Гибралтар во четвртиот барабан. Новата сезона ќе биде проширена со нова нокаут-рунда (четврт-финале за пласман на фајналфор-турнирот) и неколку плејоф-средби за опстанок во секоја лига

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација в четврток ќе ги добие ривалите во четвртата сезона на Лигата на нации, по ждрепката закажана во Париз. Натпреварите од групната фаза во лигите А, Б, Ц и Д ќе се играат есенва, а финалето, кое ќе го организира една од четирите репрезентации што ќе се пласираат во полуфиналето, ќе се одржи во јуни 2025 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Вкупно 54 репрезентации се поделени во четири лиги врз основа на нивните резултати во Лигата на нации во сезоната 2022/2023. Селекциите за ждрепката се поделени во барабани, повторно врз основа на рангирањето на во Лигата на нации во таа сезона, пишува УЕФА.
Така, за лигата А во првиот барабан се Шпанија, Хрватска, Италија и Холандија, во вториот се Данска, Португалија, Белгија и Унгарија, во третиот Швајцарија, Германија, Полска и Франција и во четвртиот се Израел, БиХ, Србија и Шкотска.
Во лигата Б ќе настапат Австрија, Чешка, Англија, Велс (барабан 1), Финска, Украина, Исланд, Норвешка (барабан 2), Словенија, Република Ирска, Албанија, Црна Гора (барабан 3), Грузија, Грција, Турција и Казахстан (барабан 4).
Македонија е во третиот барабан за ждрепката во лигата Ц, заедно со Словачка, Северна Ирска и со Кипар. Во другите барабани се Романија, Шведска, Ерменија и Луксембург во првиот, Азербејџан, Косово, Бугарија и Фарски Острови во вториот, Белорусија, Естонија, Летонија и Литванија или Гибралтар (ќе биде одредено по плејаутите за сезоната 2022/2023, во март годинава) во четвртиот.
Во лигата Д се Молдавија и Литванија или Гибралтар во првиот барабан и Малта, Андора, Сан Марино и Лихтенштајн во вториот.
Лигата на нации на УЕФА беше осмислена за да се минимизираат бесмислените пријателски натпревари и да им овозможат на репрезентациите натпреварувачки средби со слично рангирани селекции, пишува УЕФА.

Новата сезона на Лигата на нации ќе биде проширена со нова нокаут-рунда, која ќе се игра во март 2025 година, со што ќе се создаде континуитет помеѓу групната фаза, која завршува во ноември, и финалето закажано за јуни.
Победниците и второпласираните во групите во лигата А ќе учествуваат во четврт-финалето со мечеви дома и на гости, а победниците од тие двојки ќе се пласираат на фајнлфор-турнирот.
Четвртопласираните селекции во лигите А и Б автоматски испаѓаат во понизок ранг, лигата Б, односно Ц. Двете најслаборангирани репрезентации во лигата Ц, пак, испаѓаат во лигата Д.
Четирите победници на групите во лигите Б и Ц, како и двата победници на групите во лигата Д, автоматски се промовираат во ранг погоре, лигите А, Б, односно Ц.
Третопласираните репрезентации од лигата А и второпласираните од лигата Б, како и третопласираните екипи од лигата Б и второпласираните од лигата Ц, ќе играат игра мечеви дома и на гости за промоција/испаѓање. Ќе има и плејоф и помеѓу двете најдобропласирани четвртопласирани селекции од лигата Ц и двете второпласирани од лигата Д.
Претходни победници на Лигата на нации беа Португалија во 2019 година (финале во Порто: Португалија – Холандија 1-0), Франција во 2021 година (финале во Милано: Франција – Шпанија 2-1) и Шпанија во 2023 година (финале во Ротердам: Шпанија – Хрватска 0-0, на пенали 5-4). Н.М.