Јука Тоијала / Фото: ЕПА

На списокот на селекторот Јука Тоијала има кошаркари што настапуваат во пет европски држави

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Естонија, Финецот Јука Тоијала, го објави списокот на играчи што ќе им се спротивстават на црвено-жолтите во Скопје на 23 февруари, во рамките на новиот циклус квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во Летонија, Кипар, Финска и Полска во 2025 година (27 август-14 септември), со учество на 24 национални селекции.
Боите на Естонија во СРЦ „Кале“ (19 ч.) ќе ги бранат: Кристијан Куламае (Билбао, Шпанија), Каспер Сурорг (Талтек, Естонија), Март Розентал (Универзитет Тарту, Естонија), Јонас Рисма (Бриндизи, Италија), Мик Јуркатам (Калев/Крамо, Естонија), Јанари Јоесар (Анвил, Полска), Артур Конончук (Олденбург, Германија), Сим-Сандер Вене (Бургос, Шпанија), Каспер Треиер (Динамо Сасари, Италија), Грегор Хермет (Калев/Крамо, Естонија), Михкел Кирвес (Калев/Крамо, Естонија) и Матијас Тас (Остенде, Белгија), Сандер Рајесте (Басконија, Шпанија), Маик-Калев Котсар (Басконија, Шпанија). Естонците имаат интернационален состав (играчи што настапуваат во пет европски држави), од кои отскокнуваат последните двајца во дресот на Басконија. Македонската репрезентација, предводена од селекторот Александар Јончевски, на 26 февруари ќе го игра вториот меч против Полска на гости, додека Естонија дома против Литванија. Од оваа група на ЕП 2025 ќе играат најдобропласираните две репрезентации, како и Полска, како еден од кодомаќините на ова ЕП. Влезниците за дуелот со Естонија, кои се по цена од 250 денари, веќе се пуштени во продажба на онлајн платформата „Мктикетс“. Г.И.