Фото: ЕПА

Голден стејт (9,14 милијарди долари) се смета за втора највредна франшиза во американскиот спорт, веднаш зад Далас (10,3), клуб од НФЛ-лигата. Процените ги вклучуваат недвижностите на клубот, како и бизнисите поврзани со тимот

КОШАРКА

Голден стејт, Њујорк и Лос Анџелес лејкерс се далеку највредните франшизи во НБА-лигата, објави американскиот портал за спорт и бизнис „Спортико“ во својата годишна процена, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Според извештајот, Голден стејт вреди 9,14 милијарди долари, Њујорк 8,3, а Лејкерс 8,07 милијарди долари. Голден стејт се смета за втора највредна франшиза во американскиот спорт, веднаш зад Далас (10,3 милијарди долари), клуб од лигата во американски фудбал (НФЛ).
Процените ги вклучуваат недвижностите на клубот, како и бизнисите поврзани со тимот, како што се франшизите на женската НБА-лига. Просечната вредност на еден НБА-тим е 4,6 милијарди долари, што е за 15 отсто повеќе од лани и речиси двојно повеќе од пред четири години. Голден стејт, кој има придружен тим за проширување на женската НБА-лига и кој треба да почне да игра в година, забележа зголемување на вредноста за 10 отсто во однос на 2023 година.
Бруклин е четврти на листата, со вредност од 5,7 милијарди долари, што е 43 отсто повеќе од 13-то место на клубот во 2023 година. Лос Анџелес клиперс (5,68 милијарди долари), Бостон (5,66), Чикаго (5,56), Мајами (пет), Хјустон (4,77) и Торонто (4,66) ги заокружуваат првите 10 на ова рангирање, а последните три се Минесота (3,29), Њу Орлеанс (3,09) и Мемфис (3,06 милијарди долари).
Според „Спортико“, клубовите во кошаркарската НБА-лига имаат повисок сооднос помеѓу вредноста и приходите од која било друга голема американска спортска лига, на таа листа МЛС (фудбал за мажи) е на второто место, а потоа следуваат НФЛ (лига во американски фудбал), НХЛ (хокеј на мраз), ВНБА (НБА-лига за кошаркарки), НВСЛ (фудбал за жени) и МЛБ (бејзбол), пишува „Ројтерс“. Г.И.