Фото: Маја Јаневска-Илиева

Црвено-жолтите в петок го играат првиот меч, со Естонија, во Скопје, а потоа в понеделник гостуваат во Полска. Во групата Х е и репрезентацијата на Литванија. На ЕП 2025 од групата ќе се пласираат двете најдобропласирани репрезентации и Полска, која е еден од четирите кодомаќини на шампионатот

КОШАРКА

Македонската кошаркарска репрезентација синоќа требаше да ги почне подготовките за првите мечеви во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година. Македонија во првото коло е домаќин, се среќава в петок (од 19 часот) со Естонија, во Скопје (СРЦ Кале), а потоа, во вториот дуел, три дена подоцна гостува во Полска.
Во групата Х е и репрезентацијата на Литванија. На континенталното првенство од групата ќе се пласираат двете најдобропласирани репрезентации и Полска, која е еден од четирите кодомаќини на шампионатот, заедно со Кипар, Летонија и со Финска. Македонија досега играше на пет европски првенства, а најдобар пласман е четвртото место во 2011 година.
Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски за мечевите објави список со 14 кошаркари. По вечерашниот прв тренинг, закажан за 18 часот, денеска и утре следуваат уште по два и по еден в четврток и в петок.
Состав: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Марин Петков, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Адем Мекиќ, Лејсон Зеќири, Итан Хап. Н.М.