Прво ни доаѓа Украина, која, иако во претходниот циклус имаше два пораза, добро знаеме каква селекција е, а овој пат во составот ќе биде и Алина Јагупова, една од најдобрите европски кошаркарки. Најважна за нас ќе биде поддршката од трибините и затоа ги повикувам сите наши симпатизери денеска да дојдат во СРЦ „Кале“. Се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра во која ќе уживаат и искрено верувам дека на крајот ќе излеземе со позитивен резултат од овој натпревар, вели репрезентативката Митрашиновиќ
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025 ЗА ЖЕНИ
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска (од 18 ч.) со Украина во СРЦ „Кале“ во Скопје (влезот е слободен) ќе го одигра третиот натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година. В недела е и дуелот со Португалија, исто така, во Скопје.
– Уживање е да се биде дел од националниот тим и да се бранат боите на нашата нација. Нѐ очекуваат два натпревара на домашен терен. Прво ни доаѓа Украина, која, иако во претходниот циклус имаше два пораза, добро знаеме каква селекција е, а овој пат во составот ќе биде и Алина Јагупова, една од најдобрите европски кошаркарки. Најважна за нас ќе биде поддршката од трибините и затоа ги повикувам сите наши симпатизери денеска да дојдат во СРЦ „Кале“. Се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра во која ќе уживаат и искрено верувам дека на крајот ќе излеземе со позитивен резултат од овој натпревар – вели македонската кошаркарка Анџелика Митрашиновиќ, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
Македонија во овие квалификации по две кола во групата Г има два пораза, од Португалија на гости и од Србија дома. Во водство се Србија и Португалија со по четири бода, а по два бода имаат Македонија на третото место и Украина. На ЕП 2025 ќе се пласираат победниците во групите, како и четирите најдобри второпласирани во осумте групи.
– Немавме многу време за подготовки. Украина и Португалија доаѓаат во Скопје во полн состав и да победат. Нема да биде лесно, ја имаат фаворитската улога. Како и секогаш, очекувам да имаме позитивна атмосфера, карактер и менталитет за борба од првата до последната минута на двата натпревара, кои би ги крунисале со победи – вели репрезентативката Нена Трајчевска.
Првпат во историјата ЕП ќе се игра во четири држави (Чешка, Германија, Грција и Италија). Во Атина ќе се игра завршната фаза на ЕП 2025. Титулата ќе ја брани Белгија, а медали на минатиот шампионат освоија и Шпанија (сребро) и Франција (бронза). Г.И.
ГРУПА Г
Македонија – Украина 18 ч.
Србија – Португалија 18 ч.
ТАБЕЛА
Србија 2 2 0 185-100 4
Португалија 2 2 0 143-115 4
Македонија 2 0 2 112-168 2
Украина 2 0 2 103-160 2
Идно коло, недела: Македонија – Португалија (18 ч.), Украина, Србија (20.30 ч.)