Фото: ЕПА

Тој е првиот кошаркар во историјата на најсилната кошаркарска лига кому му успеало да оствари повеќе од 8.000 коша, 4.000 скока и 3.000 асистенции во период од пет години

КОШАРКА – НБА

Кошаркарот на Денвер, Никола Јокиќ на натпреварот со Феникс, кој го загубија (97-104), оствари уште еден личен рекорд во НБА-лигата. Тој на овој меч постигна 22 поена, со што стана првиот кошаркар во историјата на најсилната кошаркарска лига кому му успеало да оствари повеќе од 8.000 коша, 4.000 скока и 3.000 асистенции во период од пет години.
Јокиќ во тие пет години двапати беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на НБА-лигата, а во минатата сезона со Денвер го освои шампионскиот прстен.
НБА на својата интернет-страница издвои неколку работи што ќе се паметат од деветтата сезона на Јокиќ, во која тој е кандидат за нова награда МВП. Најимпресивен натпревар е тој со Торонто, кога постигна 35 поени (најмногу на мечот), 17 скока, 12 асистенции, шест украдени топки и две блокади во победата на 11 март, со еден од најдобрите статистички податоци во лигата. Најимпресивната пресвртница е кога во победата во февруари против Вашингтон, Јокиќ им се придружи на Леброн Џејмс и на Расел Вестбрук како единствените играчи во историјата на НБА што постигнале т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) против секој тим со кој се соочиле во НБА-лигата. На тој меч погоди 10 шута од 10 обида, со што го забележа четвртиот трипл-дабл со перфектно шутирање од поле, што е рекорд во НБА. Најимпресивниот потег беше кога постигна тројка со звукот на сирената, за победа со 130-127 на дуелот со Голден стејт. Ударот беше од 11,8 м оддалеченост. Г.И.