И двете екипи водат со 3-2 против Феникс, односно Бостон, и им е потребна уште
една победа за конечен триумф во своите конференции

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на Денвер поведоа со 3-2 во полуфиналната серија од Западната конференција на НБА-лигата, откако на домашен терен го победија Феникс со 118-102. Седум минути игра во вториот дел беа потребни за Денвер да стигне до плус 20 (77-57), а тимот од Колорадо продолжи да ја зголемува таа разлика на максимални 24 поени. Никола Јокиќ го предводеше својот тим до победата со својот 10-ти трипл-дабл од плејофот. Тој забележа 29 поени, 13 скока и 12 асистенции, а имаше и две блокади и една украдена топка. Брус Браун додаде 25 поени, додека Мајкл Портер Јуниор и Џамал Мареј постигнаа по 19 поени. Кај гостите, Девин Букер уфрли 28 поени, Кевин Дурант оствари дабл-дабл со 26 поени, 11 скока и седум асистенции. Шестиот натпревар се игра во Феникс в петок наутро.
Филаделфија, пак, поведе со 3-2 во полуфиналето на Источната конференција, откако на гости го совлада Бостон со 115-103. Гостите поголемиот дел од мечот го минаа во водство, а во вториот дел само еднаш дозволија ривалот да стигне до едноцифрена разлика. Тимот од Пенсилванија во последната четвртина стигна до максимални плус 21 и без проблеми славеше. Филаделфија на тој начин е на чекор до финалето на Источната конференција, кое последен пат го играше во 2001 година.
Најефикасен во гостинскиот тим беше овосезонскиот МВП, Џоел Ембид со 33 поени, Тајрис Макси даде 30 поени, додека Џејмс Харден 17 коша. Во тимот на Бостон предничеше Џејсон Тејтум со 36 поени и 10 скока, Џејлен Браун уфрли 24 коша, додека Маркус Смарт 14. Следниот натпревар се игра во Филаделфија в петок наутро. Г.И.