Фото: Пекселс

Родовиот јаз на работното место се зголемува кога жените стануваат мајки. Социологот Марта Домингез Фолгерас за „Еуроњуз“ објаснува што е потребно за да се намали овој тренд – и кои држави прават најмногу за да ја подобрат ситуацијата.

На изразот „стаклен таван“ често се гледа како на репер за родовата нееднаквост на пазарот на труд. Во својата книга „Патриаркапитализам“, економистката Полин Грожан укажува дека 1980-тите биле обележани со огромен економски напредок за жените. До крајот на таа деценија, тие станале, во просек, пообразовани од мажите и навлегле во професии од кои дотогаш беа исклучени. Сепак, останува она што се нарекува „стаклен таван“ – невидлива бариера што ги спречува жените да се искачат на професионалниот врв, особено во најпрестижните и најплатените професии. Грожан тврди дека структурата на родовата култура во интеракција со претходно постоечките економски структури е она што прави нееднаквостите и понатаму да опстојуваат, пишува „Еуроњуз“.

Влијанието на мајчинството врз родовиот јаз во платите

Родовиот јаз на работното место уште повеќе се зголемува кога жената ќе стане мајка. За некои од карактеристиките на овој период, „Еуроњуз“ разговараше со социологот Марта Домингез Фолгерас од Опсерваторијата за социолошки промени.
-Мајчинството е многу важна фаза, во која родовиот јаз се зголемува затоа што некои жени престануваат да работат. Во споредба со мажите, кај жените кои се посветени на својата кариера постои поголема веројатност дека ќе ја напуштат работата за да се грижат за своите деца. Некои ја менуваат работата, а некои работат со скратено работно време. Тие не можат да се посветат себеси целосно на пазарот на трудот, додека ова не е случај со мажите. Некои студии дури покажуваат дека кај мажите има тенденција за пораст на платата откако ќе станат родители.

Родителско отсуство или скратено работно време?

Социолошкото истражување покажа дека жените кои се префрлаат на работа со скратено работно време, на крајот губат повеќе во однос на платата од оние кои одат на краткорочно родителско отсуство од работа со полно работно време.

-Истражувањето го направивме во Шпанија. Таму и жените и мажите можат да земат родителско отсуство. Но, ние ги анализиравме жените. Тие можат да земат целосно родителско отсуство – но тоа е неплатено – додека некои избираат да работат со скратено работно време. Резултатите покажаа дека вториве во глобала губат повеќе отколку кога би земале целосно родителско отсуство – објаснува Фолгерас.

Каде во Европа е најдобро да се биде вработена мајка?

ЕУ политиките за поддршка на вработените мајки во голема мера се разликуваат од земја до земја.

-Скандинавските земји обично се сметаат за најгрижливи во однос на жените, иако и таму нема целосна еднаквост. Сепак, се чини дека тамошниот систем функционира подобро, пофлексибилен е. На пример, родителите можат да земат неколку денови или недели за одмор кога сакаат, но секако, тоа не треба пречесто да се повторува. Овие отсуства се платени.Генерално гледано, земјите кои покажуваат најголем напредок на ова поле се оние кои водат сметка за учеството на жените во севкупната работна сила, за проблемите во родовиот јаз и слично – вели Фолгерас за „Еуроњуз“.

Во Обединетото Кралство, породилното отсуство трае една година, иако не се исплаќа во целост, додека во некои други земји прво целосно се исплаќа отсуството, а потоа се намалуваат исплатите. Постои можност последните недели воопшто да не бидат платени. Ова ги поттикнува жените да земаат пократки породилни отсуства, но во исто време им дава можност да земаат и подолги – секако, доколку ресурсите дозволуваат.

Демографија и мајчинство

Голем број европски земји се соочуваат со демографски проблеми. Оттука, би било логично да се претпостави дека таквите земји водат подобра политика за поддршка на мајчинството. Меѓутоа, Фолгерас вели дека не е така.
-Некои земји во Европа со повисока стапка на наталитет – како на пример Франција – водат прилично добра политика. Но, во земјите со многу ниски стапки , како што е Италија, ваква дарежлива поддршка од државата не е достапна. Во скандинавските земји, каде што стапката на наталитет е релативно висока, исто така постои многу добра политика за поддршка на мајчинството – истакнува Фолгерас.

Како влијае работата од дома?

Пандемијата и социјалната изолација придонесоа за пораст на она што се нарекува работа од дома, што покрена многу дискусии за тоа дали домашните канцеларии може да помогнат во создавањето подобри работни услови за вработените мајки.

-Се разбира, ако работите од дома, тогаш барем не губите време патувајќи до работа, а тоа ви го олеснува животот како родител. Но, некои студии покажуваат дека мажите и жените имаат различни работни услови кога работат од дома. Така, кај мажите за време на ковид-19 имало поголема веројатност дека ќе работат во посебна просторија, а кај жените имало поголема веројатност дека ќе останат во иста просторија со своите деца. Секако, ова значи дека е поголема и веројатноста да бидат прекинувани и расеани во текот на работата – објаснува таа.

И покрај нееднаквостите, јазот се намалува

-Собравме прилично добри податоци, кои покажуваат дека во текот на изминатиот половина век жените се промениле – тие трошат помалку време на домашна работа и повеќе време на платена работа. Освен тоа, мажите за нијанса го зголемија времето што го трошат на неплатена работа. Така што јазот се намалува. Генерално, успехот главно се должи на промените во однесувањето на жените. Би рекла дека областа во која гледаме најмногу промени е грижата за децата. Мажите денес се повеќе вклучени во грижата за своето потомство. Сепак, потребно е уште многу да се работи, особено кога станува збор за некои длабоко вкоренети ставови. Голем број други работи исто така влијаат на нееднаквоста. На пример, работодавците може поинаку да ги третираат вработените што поминуваат повеќе време со своите семејства. Значи, она што ни треба се коренити промени во функционирањето на целото општество – заклучува Фолгерес.

Подготви: Валбурга Батева Николоска