Неодамна имаше четири натпревари со барем 60 поени за пет дена, нешто што НБА-лигата не го видела од 1962 година. „Мислам дека тука се случуваат многу работи и разговарав со многу тренери и со многу играчи за тоа. Мислам дека, пред сѐ, нивото на вештините е зголемено. Мислам дека она што го гледаме сега во оваа лига е секој играч на секоја позиција да може да шутира. Го гледате овој глобален фонд таленти што влегуваат во лигата, некои од најдобрите спортисти во светот, рече Силвер, комесарот на НБА
КОШАРКА
Имаше една недела во јануари ни малку слична на речиси сите други во историјата на кошаркарската НБА-лига, кога Џоел Ембиид постигна 70 поени, а Карл-Ентони Таунс 62 во една вечер, а четири дена подоцна Лука Дончиќ постигна 73 и Девин Букер 62 поена, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тоа се четири натпревари со барем 60 поени за пет дена, нешто што лигата не го видела од 1962 година. Имаше цели децении во кои НБА немаше толку многу мечеви со 60 поени од играчите.
– Таква е состојбата во лигата во моментов – рече Ентони Дејвис од Лос Анџелес лејкерс, еден од главните кандидати сезонава за одбранбен играч на годината.
ОДБРАНА
Одбрана речиси не се играше на олстар-натпреварот, што објаснува зошто Источната конференција постигна рекордни 211 поени, а на мечот имаше вкупно речиси 400 поени. Не можеше полесно да се дојде до поени. Но, во регуларната сезона, иако некои може да го оспорат ова, одбраната се игра, пишува АП. А поените и онака продолжуваат да се трупаат со темпото на НБА, според кое, сезонава е со највисоки резултати по повеќе од 50 години со тимови со просек од повеќе од 115 поени по натпревар, што е за околу еден процент повеќе од минатата година и за неверојатни 15,5 отсто од пред една деценија.
– Тоа го тера лаикот да погледне назад и да каже, што се случува? Дали за една година станаа многу подобри или потешко е да се бранат или не играат одбрана? И можам да ви кажам дека момците играат одбрана. Но потешко е да се брани според правилата – изјави тренерот на Милвоки, Док Риверс.
Риверс, тренерот на Минесота, Крис Финч и другите во лигата очекуваат дека НБА ќе се обиде да помогне во одбраната во следната сезона со тоа што ќе им дозволи да направат малку повеќе на тоа поле. Се разговараше на ниво на лига. Што значи тоа, никој навистина не знае со сигурност, пишува АП. Но многу од измените на правилата во претходните години, давањето поголема слобода на движење на офанзивните играчи, е она што го наведуваат повеќето играчи, се чини дека малку ја олесниле задачата да постигнуваат поени.
– Мразам да го кажам тоа, но ние сме навистина добри во она што го правиме – рече бекот на Кливленд, Донован Мичел.
Џејлен Браун од Бостон рече дека дел од проблемот е во тоа како медиумите и другите зборуваат за мечевите.
– Се чини дека е тешко да се чува некого овие денови. Затоа им оддавам толкава почит на оние што се посветени на тоа, затоа што во моментов обрнуваме внимание само на оние што можат да постигнат поени. Тоа се оние што важат за наши најдобри играчи. Целосно ја игнорираме одбраната како да не е ни дел од тоа колку е добар еден играч – рече Браун.
Комесарот Адам Силвер и другите раководители на НБА инсистираа дека лигата сака конкурентни натпревари и не им дава приоритет на огромните офанзивни бројки, пишува АП. Силвер рече дека тоа е повратната информација што лигата ја добива и од гледачите.
– Мислам дека тука се случуваат многу работи и разговарав со многу тренери и со многу играчи за тоа. Мислам дека, пред сѐ, нивото на вештините е зголемено. Мислам дека она што го гледаме сега во оваа лига е секој играч на секоја позиција да може да шутира. Го гледате овој глобален фонд таленти што влегуваат во лигата, некои од најдобрите спортисти во светот – рече Силвер.
СТРЕЛЦИ
Големиот број тројки во НБА трае со години, а лигата е на пат да го собори рекордот за погодени тројки во една сезона и за прецизност од удари за три поени. Тоа не значи дека одлични стрелци се само оние што можат да погодат од далечина. Ембиид имаше просечни 35,3 поени по меч и повторно водеше во трката за трофејот кога се повреди. Тој во просек постигнуваше нешто повеќе од една тројка по натпревар. Шаи Гилџес-Александар и Јанис Адетокубо се двајца од другите тројца играчи со просек од над 30 поени сезонава и ниту еден од нив не е љубител на три поени. Лука Дончиќ е другиот играч со просек од најмалку 30 поени, а тој има речиси четири тројки по меч.
Секоја вечер се случуваат големи ноќи, или така изгледа. Во минатата сезона имаше 203 случаи, рекорд во лигата, на играчи што постигнаа 40 поени на еден натпревар, а сезонава е со темпо да има 179 вакви натпревари, што би било второ најмногубројно во историјата на НБА. Сезонава има шест натпревари со барем 60 поени. Тоа е трета сезона според таков ефект во историјата на НБА, другите две сезони беа 1961/62 и 1962/63 кога имаше вкупно 26 натпревари со 60 или повеќе поени, а 24 од нив само од Вилт Чембрлен.
Букер имаше 20 години кога постигна 70 поени на еден натпревар. Тој го направи тоа за Феникс на 24 март 2017 година и тоа беше еден од само четирите натпревари со 70 или повеќе поени во период од речиси 50 години. Единствените други во тој период беа Коби Брајант со 81 во 2006 година, Дејвид Робинсон со 71 во 1994-та и Дејвид Томпсон со 73 во 1978 година. Тоа се случи четири пати во претходните 14 месеци. Мичел и Демијан Лилард имаа по 71 поен лани, а Ембиид и Дончиќ го направија тоа минатиот месец.
– Беше потешко да постигнам 70 во моето време. Сега сите остваруваат, рече Букер смеејќи се. „Луѓето постигнуваат поени на високо ниво. Талентот е на највисоко ниво на сите времиња. Ја знаете еволуцијата на играта. Луѓето едноставно стануваат сѐ подобри и подобри, 80, 90, да, 100 се можни“ – вели Букер, пренесе АП.
Ниту еден играч не видел толку промени на нивото на поени како Леброн Џејмс од Лос Анџелес лејкерс. Кога беше дебитант, просекот во НБА по тим беше 93,4 поени по натпревар. Сезонава имаше 483 случаи на тимови што постигнаа 93 поени, до крајот на третата четвртина.
– Имате толку многу големи таленти во оваа лига. Дали би рекол дека мислам дека момците можат да постигнат 80 или 90? Да, зошто да не? Тоа е направено претходно. Талентот е талент без разлика која генерација е, 50-тите, 60-тите, 70-тите, 80-тите, 90-тите и досега, талентот е талент, а одличната кошарка и одличните стрелци ќе бидат одлични стрелци без разлика во која ера се тие. Откако ќе почне да погодува одличен стрелец, навистина нема што да направите – рече Џејмс. Н.М.