Прв ривал ни е Украина, селекција со која не сме се сретнале во изминатите години, а многу повеќе податоци имаме за Португалките, вели селекторот Ашаданов, пред дуелите утре и в недела во Скопје
КОШАРКАРКИТЕ ГИ ПОЧНАА МИНИ-ПОДГОТОВКИТЕ ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонските кошаркарки ги почнаа мини-подготовките за претстојните натпревари дома, со Украина утре (од 18 часот) и со Португалија в недела (18 ч.), двата во СРЦ „Кале“, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Селекторот Александар Ашаданов го скрати првобитниот список од 17 на 12 кошаркарки.
– Секој циклус е сличен на претходните. Исклучок не е ни овој ноемвриски прозорец на ФИБА. На овие неколку тренинзи ќе се обидеме да ја поставиме нашата игра, да ги анализираме противниците. Прв ривал ни е Украина, селекција со која не сме се сретнале во изминатите години, а многу повеќе податоци имаме за Португалките. Целта останува иста, да се обидеме сите заедно да дојдеме до некоја победа, ќе ни значи многу на сите нас – вели Ашаданов, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
Македонија во овие квалификации е во групата Г и по две кола има два пораза, од Португалија на гости и од Србија дома. Водат Србија и Португалија со по четири бода, а со по два бода се Македонија на третото место и Украина. Од мечевите во таа група утре е и дуелот Србија – Португалија, а в недела мечот Украина – Србија. До крајот на овие квалификации Македонија ја очекуваат уште дуелите в година на гости со Србија на 6 февруари и со Украина на 9 февруари. На ЕП 2025 ќе се пласираат победниците во групите, како и четирите најдобро второпласирани во осумте групи. Тие ќе им се приклучат на кодомаќините на ова ЕП, Чешка, Германија, Грција и Италија, па вкупно на ЕП 2025 ќе настапат 16 репрезентации. Г.И.