Годинава во НБА-лигата има вкупно 107 кошаркари надвор од САД, од 41 држава. Рекорден број странски играчи (113) и земји (42) беа видени на почетокот на сезоните 2016/2017 и 2017/2018

КОШАРКА

Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс го совладаа градскиот ривал Лос Анџелес лејкерс со 116-109, на отворањето на новата сезона во НБА-лигата. Победата дојде на крилјата на извонредниот Пол Џорџ, кој постигна 33 коша, шест скока и три асистенции, а најголема поддршка имаше од Каваи Леонард, со 26 поени. Екипата на Тајрон Лу, стручњакот што ја презеде диригентската палка од Док Риверс, рано стигна до двоцифрено водство и првиот дел го заврши со плус 20.
Лејкерси се вратија во игра во втората четвртина (75-75), но немаа сили за целосен пресврт. Леброн Џејмс беше најефикасен кај поразените со 22, а Ентони Дејвис постигна 18 поени. ЛА лејкерс и претходната сезона ја отворија со пораз од Клиперс, а потоа стигнаа до шампионскиот прстен.
Во вториот натпревар во првиот ден од новата сезона, Бруклин убедливо го совлада Голден стејт со 125-99, а најефикасен беше Кајри Ирвинг со 26 коша и по четири скока и асистенции, пред повратникот Кевин Дурант со 22/5/3.

Годинава во НБА-лигата има вкупно 107 кошаркари надвор од САД, од 41 држава. Ова е седма сезона во низа во која на отворањето на сезоната има најмалку 100 странски играчи, а сите 30 клуба имаат најмалку по еден странски кошаркар. Седма година во низа Канада (со 17 играчи) е најзастапена земја со играчи надвор од САД, а следуваат Франција (девет), Австралија (осум), Србија, Германија (по шест)… Од клубовите, Вашингтон има седум интернационалци, а следуваат Далас и Денвер со по шест, Њу Орлеанс, Оклахома и Торонто по пет итн. Рекорден број странски играчи (113) и земји (42) беа видени на почетокот на сезоните 2016/2017 и 2017/2018.