Во дерби-мечевите не само што се забораваше на пријателството туку се водеше вистинска војна. Имаше многу доживувања, но првиот официјален меч по осамостојувањето на Македонија останува вечно врежан во меморијата
Зоран Мицевски (2)
Деновите поминати во Прилеп му останаа во убав спомен на познатиот фудбалски голман Зоран Мицевски. Тој во градот под Марковите кули во два наврата, и тоа во еден подолг период беше стандарден на голот на Победа, а постарите љубители на фудбалот и денес се сеќаваат на неговите одбрани. Жал ми е што мојот почитуван колега, легендарниот прилепски новинар Тачко Локвенец, „покосен“ од коронавирусот рано замина од животната сцена. Инаку, тој на нему својствен начин знаеше да го опише времето на Победа кога таа беше фактор во македонскиот фудбал. Тачко беше вистински мајстор на својот занает и на еден невообичаен, повеќе есеистички начин ги насликуваше атмосферата и случувањата на теренот на прилепскиот стадион. Беше вистинско задоволство во понеделниците во „Нова Македонија“ да се читаат неговите фудбалски извештаи, во кои поради извонредните одбрани, често беше споменувано името на голманот Зоран Мицевски.
Миленик на двете спротивставени страни
– Победа беше вистински миленик на гледачите. Знаев дека Прилеп не може без Победа, но оти љубовта кон овој фудбалски колектив е толку голема, не можев да верувам сѐ додека и самиот не се уверив откако застанав на голот на прилепчани. Тоа беше едно прекрасно време, во кое речиси секоја втора средба беше дерби. Ова не треба да нѐ чуди, зашто во Македонската и претходно во Втората лига, додека не се распадна поранешната држава, имаше тимови со високи квалитети. Посебно се сеќавам на едно второлигашко гостување во Тетово и средбата со Тетекс, по која дојде и дуелот со Напредак од Крушевац, кој беше еден од најквалитетните ривали, за кој настапуваа фудбалери што подоцна заминаа во Црвена звезда, Партизан и во другите прволигаши. На овој натпревар добив жолт картон, па со оние претходните од другите средби, на следниот меч и тоа против Пелистер морав да паузирам. Многу ми беше криво, зашто во дуелите со битолчани влегувавме многу мотивирани. Така беше и кога бев на спротивната страна и бранев за Пелистер и тогаш се чувствуваше истата атмосфера, како онаа кога го чував голот на Победа. Инаку, со Пелистер под водството на покојниот Кирил Дојчиновски обезбедивме и излез на европската сцена. Таа епизода во Европа кратко траеше, но, сепак, останува запишано оти Пелистер бил учесник во европските купови – вели Мицевски.
Интересно е дека Зоран Мицевски, дали бранеше за едниот или за другиот тим, секогаш од навивачите од двете страни беше пречекуван со аплаузи. Тие не можеа да го заборават придонесот што го даваше за нивната екипа, кога честопати токму неговите одбрани беа решавачки за конечниот исход.
– Фудбалското ривалство беше едно, но во секојдневниот живот ние, фудбалерите на едниот и на другиот тим бевме големи другари. Пред меѓусебните средби се „чепкавме“ по малку, но сето тоа го правевме без да се навредуваме и без омаловажување, а тоа што на теренот се водеше вистинска фудбалска војна, тоа беше друга работа. Навистина немаше причини, ние како два соседни града во кои егзистираа два познати фудбалски клуба издигнати до нивото на брендови, да се расправаме меѓу себе. Некогаш во жарот на борбата ќе се појавеше некоја искра, но тоа беше кратко, без сериозни последици. А што се однесуваше до навивачките групи, тие си го бодреа својот тим, секој користејќи ги своите добро познати навивачки слогани. На моменти атмосферата ќе се вжештеше, но играта продолжуваше и сѐ се завршуваше без поголеми ексцеси – продолжи Мицевски.
Изненаден од повикот на Дончо
Зоран Мицевски, по одличните одбрани во Победа, си ја отвори вратата за влез во Вардар. Но немаше среќа, го повреди менискусот, па мораше еден подолг период да паузира. Неговото отсуство во скопскиот тим не се почувствува зашто Вардар во тоа време имаше двајца извонредни голмани, Антонио Филевски и, за жал, покојниот Зоран Паунов, чие име денеска го носи фудбалскиот стадион во Велес. По закрепнувањето за да не губи залудно време, додека конечно не се залечи од повредата, Мицевски беше позајмен во Балкан. Чаирчани во тоа време беа меѓу најстабилните и најквалитетни македонски клубови, дури еден период клубот беше учесник и во сојузниот ранг на натпревари.
– Тука тренер ми беше поранешниот голман Зоран Мишиќ, кој преку Риека и Вардар имаше и прволигашко искуство. Тоа за мене беше добро, зашто дојдов во вистински раце. Од него научив некои нови работи, кои многу ми користеа во понатамошната кариера. Во Балкан останав една година, а потоа повторно дојдов во Победа на чие кормило се наоѓаше прилепската легенда Илија Димоски, кој настапуваше и за Раднички од Ниш, во Првата југословенска лига, а во еден период од убавите години на Вардар беше и негов тренер – вели тој.
Кога беше вторпат меѓу прилепчани, Мицевски ги доживеа најубавите фудбалски моменти. Покрај добрите игри во МФЛ, дојде и ремито со Вардар, 1-1 во Прилеп, кој по распадот на Југославија беше неприкосновен на македонската фудбалска сцена и три години едноподруго ја освојуваше титулата. Некако истовремено дојде и поканата од селекторот Андон Дончевски за настап за македонската репрезентација на првиот официјален натпревар, по приемот на нашата Федерација во ФИФА и во УЕФА, против Словенија, во Крањ, на 13 октомври 1993 година.
– Кога ја добив телеграмата не ми се веруваше. Прво помислив оти се работи за некаква шега или грешка. Но не беше ниту едното ниту другото, туку тоа беше вистина што ме направи многу среќен. Се случи тоа што најмногу го посакував и со голема самодоверба застанав на голот на нашиот национален сениорски тим, кој фантастично со победа со 4-1 зачекори на меѓународната сцена – се сеќава на тој момент Мицевски.
Потоа Зоран Мицевски уште во два наврата бранеше за сениорската репрезентација на Македонија, за која, сепак, оној прв настап против Словенија најмногу ќе го памети.
Пријатели низ цела Македонија
Кариерата на Зоран Мицевски, по второто доаѓање и заминување од Победа, доби еден бурен тек. За неговите услуги беа заинтересирани речиси сите клубови, па така, тој прво замина во Цементарница (ФЦУ), за по извесно време да замине во најстариот тетовски клуб Љуботен. Потоа некако го влечеше демирхисарскиот крај, и по оние сезони поминати во Пелистер и во Победа, оди во редовите на Преспа од Ресен. Оттаму скокна и до Македонија Ѓорче Петров, за повторно да се врати поблиску до родниот Демир Хисар, овој пат заедно со Дејви Главевски заигра за Напредок од Кичево и многу придонесе за неговото враќање во Првата македонска лига.
– За да не помислат оти сум локал-патриот и се движам повеќе во западниот дел од Македонија, во шега вели Мицевски, станав член и на Брегалница од Делчево. Но не останав само тука, отидов и на север во Куманово и таму колку што можев дадов свој удел за закрепнување на клубот. Инаку, во сите градови каде што поминав дел од својата кариера добив многу пријатели, со кои и денес се слушам, а повремено и се гледам. Средбите се пријатни и на нив секогаш се сеќаваме на минатите времиња, на доживувањата, со еден збор на сите интересни случки и настани. Се присетуваме и на резултатите, на победите и на поразите, едноставно на сѐ што го исполнуваше нашиот, не само фудбалски туку и семеен живот – рече тој.
Зоран Мицевски одамна ја заврши играчката кариера, но не се оддалечи од фудбалот. Тој и понатаму, преку Академијата што ја формира ФФМ, остана во фудбалските води, овој пат како едукатор и тренер на младите репрезентативни голмани. Колку се ценети неговите квалитети, а особено искуството што го има акумулирано, зборува и фактот што тој беше вклучен во стручниот штаб на сениорската репрезентација на Македонија, на нејзиното прво учество на најголемиот континентален собир, Европското првенство, а во моментов работи со голманите од надежниот македонски тим до 21 година.