ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
По 58 години, Вест хем одново освои трофеј во европски рамки, по победата во КПК во 1965 година. Емерсон Палмиери стана првиот фудбалер што ги освои сите четири актуелни европски клупски натпреварувања. Од 1971 до 1999 година, УЕФА, исто така, организираше четири купа, кои ги освоија шест фудбалери. Меѓу тренерите во три актуелни европски купа победија тројца
Англискиот Вест хем го заврши своето 43-годишно чекање за голем трофеј, а 58-годишно на нов европски пехар, откако Џерод Бовен постигна гол во последната минута за победа со 2-1 во финалето на Конференциската лига (КЛ) со италијанската Фиорентина, во Прага. Вест хем сезонава во КЛ одигра 13 меча, забележа 12 победи и едно реми. Деклан Рајс се најде на клупската листа со капитени освојувачи на трофеј, откако претходно тоа им успеа на клупските великани Боби Мур и Били Бондс, пишува „Би-би-си“. Мур беше капитен на Вест хем при освојувањето на Купот на победниците на куповите во 1965 година, а Бондс за трофеите во ФА-купот во 1975 и во 1980 година.
Вест хем обезбеди и место во групната фаза на Лига Европа (ЛЕ) за следната сезона. Англија ќе има осум клуба во европските купови во идната сезона, а покрај Вест хем тоа се и Манчестер сити, Арсенал, Манчестер јунајтед и Њукасл во Лигата на шампионите, Ливерпул и Брајтон во ЛЕ и Астон вила во квалификациите за Конференциската лига. Осум тима ќе има и од Шпанија.
Италијанскиот интернационалец Емерсон Палмиери со триумфот со Вест хем стана првиот фудбалер што ги освоил сите четири актуелни клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА). Тој претходно со Челси ги освои трофеите во Лигата на шампионите (во 2021 година), во Лига Европа (во 2019 година) и во Суперкупот на УЕФА (во 2021 година).
Од 1971 до 1999 година, УЕФА, исто така, организираше четири клупски натпреварувања, и тоа Купот на европските шампиони (КЕШ, играа домашните прваци, натпреварување што прерасна во Лига на шампионите), Купот на победниците на куповите (КПК, играа победниците на домашните куп-натпреварувања), Купот на УЕФА (во 1999 година се спои со КПК, а подоцна се преименува во Лига Европа) и Суперкупот. Шест фудбалери победија во сите тие четири натпреварувања.
Италијанците Гаетано Ширеа и Антонио Кабрини славеа со Јувентус во 1977 година (Куп на УЕФА), 1984-та (КПК и Суперкуп) и во 1985 година (КЕШ). Нивните сонародници Стефано Такони и Серџо Брио победија, исто така, со Јувентус, во 1984 година (КПК и Суперкуп), 1985-та (КЕШ) и во 1990 година (Куп на УЕФА).
Холанѓанецот Андре Мирен ги освои пехарите во 1973 година (КЕШ и Суперкуп со Ајакс), во 1981 (Куп на УЕФА со Испвич) и во 1987 година (КПК со Ајакс), а неговиот сонародник Дени Блинд ги освои трофеите во 1987 година (КПК), 1992 (Куп на УЕФА) и во 1995 година (КЕШ и Суперкуп). Сите шестмина беа и клупски светски прваци.
Палмиери со Италија стана европски првак во 2021 година, а со репрезентациите славеа и Ширеа, Кабрини (светски прваци со Италија во 1982 година) и Мирен (европски шампион со Холандија во 1988 година).
Трите некогашни европски купа (без Суперкупот) ги освоија и Марко Тардели (со Јувентус), Џанлука Вијали (со Јувентус и со Сампдорија) и Витор Баија (со Порто и со Барселона).
Меѓу тренерите, пак, во трите актуелни европски клупски натпреварувања победија тројца. Прв го стори тоа Германецот Удо Латек (КЕШ во 1974 година со Баерн, Куп на УЕФА во 1979 година со Борусија Менхенгладбах и КПК во 1982 година со Барселона). Потоа на оваа листа се запиша Италијанецот Џовани Трапатони (Куп на УЕФА во 1977 година, КПК во 1984-та, КЕШ во 1985 година, сите со Јувентус). Португалецот Жозе Мурињо своите трофеи ги освои со два клуба (Куп на УЕФА во 2003 година и Лига на шампионите во 2005-та со Порто и Конференциска лига во 2022 година со Рома). Трапатони на листата додаде и Суперкуп (1984 година) и светска клупска титула (1985).