ШАХ

Тој претходно ја извршуваше оваа функција од 2007 до 2010 година, а сега ќе го предводи националниот состав во следните две години

Интернационалниот мајстор Атанас Кизов (50) е новиот селектор на македонската машка репрезентација и на оваа функција ќе биде во следните две години, реши Шаховската федерација на Македонија, по објавениот оглас за избор на нов селектор. Кизов доаѓа на местото на досегашниот селектор, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев, кој беше назначен во мај 2021 година.

Кизов претходно ја извршуваше оваа функција во периодот од 2007 до 2010 година. Ја предводеше репрезентацијата на Европското првенство (ЕП) во Грција (2007 година), на Шаховската олимпијада (ШО) во Германија (2008), на ЕП во Србија (2009) и на ШО во Русија. Повеќепати бил и шаховски тренер на македонската машка и женска шаховска репрезентација, како и повеќекратен репрезентативец, учесник на ШО и на ЕП. Кизов беше член на македонската репрезентација, која заврши на делба на 7.-13. место на ШО во Турција во 2000 година и доби награда заслужен спортист за извонредни шаховски достигнувања за својата држава. Победник е на повеќе меѓународни и домашни турнири во класичен, забрзан и во брз шах. Во 2000 година беше на делба на првото место на Првенството на Македонија.
– Главна цел зошто прифатив повторно да се активирам на селекторската функција е фактот дека долго време сум надвор од македонскиот шах. Десет години тренирам млади играчи преку интернет и сакав повторно да се вратам на шаховските турнири во живо на овој или оној начин. Кога беше објавен конкурсот за селектор, по кратко размислување решив да конкурирам поради горенаведените причини. На оваа функција очекувањата се вообичаени, а секое место над почетното рангирање на натпреварувањата ќе се го сметам за успех, било поголем или помал – ни изјави Кизов.

Како сертифициран тренер на Светската шаховска федерација, во претходната деценија негова главна активност е тренирањето млади шахисти. Тој е главен тренер во познатата американска школа од Охајо „ЦЦЛ Ческул“, каде што часовите ги држи преку интернет, но и во живо кога е таму, а организира и шаховски кампови. Кизов е интернационален мајстор од 2005 година. Г.И.