Фото: ЕПА

Позитивното влијание што ќе го има ова врз клубовите ќе биде огромно, бидејќи ќе ги зголеми ресурсите за клубовите од целиот свет да се развиваат и да се натпреваруваат. Во Европа имаме среќа, но важно е да го направиме фудбалот навистина глобален и тоа создава шанса за другите клубови да напредуваат. Прифаќам дека фудбалскиот календар е напорен, но ова е натпреварување што ќе се одржува секои четири години и, секако, треба да се почитува периодот на одмор за време на натпреварувањето и потоа, рече Венгер, шефот на ФИФА за глобалниот фудбалски развој

Арсен Венгер вели дека проширеното клупско Светско првенство (СП) може да го направи фудбалот „навистина глобален“ и не треба да се гледа само од европска перспектива, пишува „Би-би-си“. Мундијалот со 32 тима ќе почне да се игра во 2025 година, со учество на 12 европски клуба. Светскиот сојуз на играчи (ФИФПРО) изрази загриженост за плановите, пишува „Би-би-си“. Сепак, Венгер, шефот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за глобалниот фудбалски развој, вели дека тоа е „шанса за другите клубови да напредуваат“.
– Позитивното влијание што ќе го има ова врз клубовите ќе биде огромно, бидејќи ќе ги зголеми ресурсите за клубовите од целиот свет да се развиваат и да се натпреваруваат. Во Европа имаме среќа, но важно е да го направиме фудбалот навистина глобален и тоа создава шанса за другите клубови да напредуваат. Тоа ќе им даде повеќе можности на повеќе фудбалери низ светот да се натпреваруваат на највисоко ниво. Прифаќам дека фудбалскиот календар е напорен, но ова е натпреварување што ќе се одржува секои четири години и, секако, треба да се почитува периодот на одмор за време на натпреварувањето и потоа – рече поранешниот тренер на Арсенал.
Финалето на настанот во САД во 2025 година ќе се одржи на 13 јули. Во нормални околности тоа би било четири недели пред почетокот на сезоната 2025/2026 во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Во екот на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, европските клупски натпреварувања беа завршени по завршувањето на целиот домашен фудбал, а од четврт-финалето се одигра во тој августовски период. Како резултат на тоа, Премиер-лигата им даде одмор на Манчестер сити и на Манчестер јунајтед во првата недела од сезоната 2020/2021 за да им овозможат на нивните играчи дополнително време за одмор.
Венгер верува дека овој пат може да се најде решение и го посочи подобрениот третман на играчите како доказ дека нивниот обем на работа се управува многу подобро.

– Благосостојбата на играчите во претходните 20 години драстично се зголеми кога гледате на превенцијата од повреди, работата за закрепнување, исхраната и напредокот во медицинската технологија. Исто така, системот ВАР помогна во заштитата на играчите, бидејќи фудбалерите знаат дека не можат да се извлечат по стартови што предизвикуваат повреди. Гледаме фудбалери што добиваат светски награди, како Меси, Роналдо, Бензема, на возраст над 35 години. И не е невообичаено да се видат меѓународни кариери што траат повеќе од 20 години. Не толку одамна тоа не беше можно – рече тој.
Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели дека е загрижен од закажувањето на турнирите во средината на летото, ограничувајќи го времето за одмор на играчите помеѓу сезоните.

– Не сум против новите натпреварувања. Јас сум против недостигот од време за закрепнување од година на година – изјави Гвардиола.
Од ФИФПРО рекоа дека новиот формат на натпреварување „покажува недостиг од внимание за менталното и за физичкото здравје на играчите учесници“ и побара од ФИФА да разговара со другите фудбалски чинители за да разговараат за регулативите за благосостојба на фудбалерите, пишува „Би-би-си“.
– Екстремните ментални и физички притисоци на врвот на играта се главната грижа на играчите со повеќе клупски и репрезентативни натпреварувања, што доведува до исцрпеност, физички повреди, проблеми со менталното здравје, намалени перформанси и ризици за долговечноста во кариерата – рекоа од ФИФПРО, пренесе „Би-би-си“. Н.М.