Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поучени од македонските лоши искуства, земјите од Западен Балкан уште во 2015 година, под покровителство на Европскиот фонд за Балканот, во Виена потпишаа заедничка декларација со која се обврзуваат една со друга да не си го блокираат пристапниот процес во ЕУ. На декларацијата ѝ претходеше прецизна анализа на Европскиот фонд за Балканот за сите отворени билатерални прашања меѓу државите од Западен Балкан. ЕУ уште тогаш беше децидна дека станува збор за билатерални проблеми и така ги третираше за сите, освен за Македонија! Македонските билатерални проблеми прераснаа во мултилатерални… За голема жал…

Вината за блокадата на македонскиот евроинтегративен процес без сомнеж тежишно лежи кај Европската Унија. Таа во последните неколку години дозволи билатералните спорови што Македонија најпрво ги имаше со Грција за името, а потоа и со Бугарија за идентитетските прашања, да се издигнат на мултилатерално ниво. Рака на срце, да не ни биде само некој однадвор виновен, еден дел од вината носиме и ние. Имено, ЕУ ја искористи и инфериорната македонска надворешна политика. Токму таквата наша политика се согласи „билатералните прашања да станат критериум според кој ќе се оценува евроинтегративниот процес на земјава“. Парадоксално е кога самата ЕУ уште во јуни 1993 година во Копенхаген одреди прецизни критериуми по кои станаа членки многу земји од Југоисточна Европа, по 30 години овие критериуми да ги дополнува така што ќе наметнува услови што произлегуваат од нерешени билатерални прашања меѓу две земји, кои немаат никакви допирни точки со претходно утврдените европски критериуми.

Речиси сите земји членки на ЕУ имаат нерешени билатерални прашања

Ниту за Полска отворените билатерални прашања со Германија не беа пречка таа да преговара и да стане членка на ЕУ, ниту за Словачка, уште помалку за Чешка, за Словенија, за Романија, Бугарија, како и за Хрватска, кои и натаму имаат нерешени билатерални прашања со соседите, но во услови кога сите се членки на ЕУ, разговараат на рамноправна основа и без уцени. Наративот што тогаш го употребуваше меѓународната заедница, особено официјален Брисел, а кој и денес често може да се слушне од европските бирократи, е дека билатералните прашања треба да се остават настрана од европскиот преговарачки процес, но кога станува збор за Македонија, очигледно не е така.
Најдобрата потврда дека сепак земјава е жртва на уценувачки политики е последната одлука на Европскиот совет да отвори пристапни преговори со Украина и со Молдавија, кои имаат отворени билатерални прашања буквално со сите соседи. Украина не контролира дел од сопствената територија поради руската агресија, но од друга страна, има билатерални проблеми со Унгарија, со Полска, како и со Романија. Слична е ситуацијата и со Молдавија. Пред неколку години во ЕУ беше примен Кипар, кој е поделен и постои сериозен билатерален спор со Турција.
И покрај сериозноста на овие билатерални спорови, ЕУ во ниту еден момент не дозволи тие да станат мултилатерални и од нивната разврска да зависи дали некоја земја ќе напредува или, пак, ќе биде блокирана.

ЕУ пред осум години ги лоцираше сите билатерални прашања на Западен Балкан!

Без оглед на ваквиот европски пристап кон другите земји, Унијата зазеде сосема поинаков став во однос на Македонија и колку некој и да наоѓа оправдувања дека и другите земји имале тешкотии на својот европски пат, сепак никој не може да даде одговор зошто токму билатералните спорови што ги имаше Македонија со два свои соседа станаа мултилатерални.
Поучени од македонските лоши искуства, земјите од Западен Балкан уште во 2015 година, под покровителство на Европскиот фонд за Балканот, во Виена потпишаа заедничка декларација со која се обврзуваат една со друга да не си го блокираат пристапниот процес во ЕУ. На декларацијата ѝ претходеше прецизна анализа на Европскиот фонд за Балканот за сите отворени билатерални прашања меѓу државите од Западен Балкан. За Хрватска беа посочени билатералните проблеми со БиХ, околу изградбата на Пељешкиот мост и утврдувањето на заедничката граница. Хрватска има билатерален спор и со Црна Гора околу границата кај полуостровот Превлака. Билатерални проблеми Хрватска има и со Србија, почнувајќи од границата на Дунав, исчезнатите лица во војната, статусот на малцинствата, меѓусебниот говор на омраза, српскиот закон за универзална јурисдикција… Србија има билатерален спор со БиХ околу признавањето на геноцидот во Сребреница, како и неколку гранични спорови. Со Косово билатерален спор е статусот на поранешната српска покраина. Романија има билатерален спор со Србија околу правата на малцинствата, а исто и Бугарија го издигна на билатерално ниво проблемот со бугарското малцинство на југот на Србија. Црна Гора имаше билатерален спор со Косово околу границата, слично како оној со Хрватска. Грција има билатерален спор со Албанија околу поморската граница, но и во врска со правата на грчкото малцинство. Грција имаше и билатерален спор околу уставното име на Република Македонија, а Бугарија има билатерален проблем со идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ.
Ова се сите билатерални прашања што ги забележа Европа уште пред повеќе од 10 години и лобираше за тоа државите сами да си ги решаваат проблемите, а процесот на евроинтеграции да си тече во согласност со исполнувањето на Копенхашките критериуми. Со други зборови, ЕУ признала дека се работи исклучиво за билатерални прашања, па затоа сега е нејасно зошто само во случајот со Македонија одеднаш не станува збор за билатерални, туку за мултилатерални прашања од чие решавање зависи европската судбина на земјава.

Како билатералното прекуноќ станува мултилатерално прашање

Причините може треба да се побараат во фактот дека оваа декларација од 2015 година до денес не ја потпиша ниту една земја членка на Унијата, со што сите јасно ставија до знаење дека се подготвени да ги употребат и билатералните прашања за да ги остварат своите цели и интереси. На тој начин, билатералните проблеми се подигаат на мултилатерално ниво.
Професорката Наташа Котлар-Трајкова го лоцира проблемот за тоа зошто билатералните проблеми само за нас се претвораат во мултилатерални во тоа што три децении не се изгради суверенистичка надворешна политика, која ќе биде способна самостојно да ги решава билатералните прашања, без интервенции од страна.
– Сметам дека кај нас недостига, барем кај политичките врхушки, чувство за сувереност. Значи оние што ја водат надворешната политика, прво на внатрешен план треба да манифестираат една суверенистичка политика. Во смисла, дека она што беше напишано и беше основа за создавање на македонската држава, мислам на асномските одлуки, требаше да биде патоказ каква внатрешна и надворешна политика ќе градиме ние. Особено од 1991 година. па наваму, таа суверенистичка политичка логика, па и однесување, па и резон, недостига во македонската политичка култура. Ако ние имавме суверенистички определби во сите досегашни влади, ако суверенистичката култура им беше предвид како првична идеја, ние ќе се изборевме со многу нешта на меѓународен план – вели професорката Котлар-Трајкова.

Странците се убедени дека самите не можеме ништо да решиме!?

Според неа, ние како општество не изградивме еден таков консензус на однесување бидејќи многу често во овие три децении многу повеќе има пазарења меѓу македонски и албански политички чинители, наместо сите тие да бидат македонски чинители и да се борат за македонската кауза.
– Ако мнозинскиот македонски народ ја изгуби асномската подлога и ја изгуби асномската филозофија, ние не можеме да очекуваме тие да направат нешто бидејќи ако ги гледаме последниве децении, тие политички чинители што ја водат државата сакаат да знаат што да прават исклучиво по сугестија на надворешен фактор. Веќе не е ниту тајна дека сите политички чинители во Македонија чекаат сугестија или од Амбасадата на САД или од другите поголеми држави на ЕУ, дали се работи за Германија или за Франција. Ако ние немаме чувство за суверенистичко однесување и култура, зошто другите би имале? Затоа билатералните прашања ни ги прават унилатерални, оти знаат дека ние самите не можеме ништо да решиме. Ние имаме едно такво недоверие самите кон себе, еден таков комплекс на инфериорност и инфантилност, што тоа не е воопшто добро во терањето на политиките. Ако имавме една силна авангардна политичка номенклатура, сите прашања ќе ги решевме, не само билатерално туку и мултилатерално. Сите странци, без разлика дали припаѓаат на атлантската или прекуатлантската политика или, пак, на континенталната, претпочитаат интереси и одбрана на интереси. Ние во ниту еден момент не ги одбранивме нашите интереси. Ние браневме нечии туѓи интереси и чекавме само нечие намигнување од некој меѓународен фактор. Лично не мислам дека во овие три децении ние имавме здрава политичка номенклатура што во својата идеолошка програма, како партија, ја имаше суверенистичката македонска култура – констатира професорката Котлар-Трајкова.

Тешко кој се осмелува да уценува економски силна држава

Таа посочува и на еден исклучително важен момент што создава амбиент дали некој ќе ни го трансформира билатералното прашање во мултилатерално или ќе нè остави самите да го решиме.
– Мислам дека економското криминално однесување на сите политички врхушки последните три децении исто така влијае ние да имаме слаба политичка логика, однесување и филозофија. Не можете да градите внатрешна политика, а со тоа и надворешна, ако економски не сте стабилни, не само во смисла како систем, туку и стабилни во однесување за општа добросостојба, а не за лично богатење. Кога со таква силна економска позиција би настапиле, така билатерално би ги решавале проблемите и со Грција и со Бугарија, а несомнено и би го одвоиле пристапниот процес кон ЕУ од билатералните проблеми. Ако ништо друго, барем ќе се деклариравме како рамноправен партнер во комуницирањето со нив. Да не се лажеме, Грција, покрај тоа што дејствуваше политички, дејствуваше и економски, даде многу пари за придобивање пријатели од големите сили. Исто така, таа беше доволно паметна да го користи сиот научен и образовен потенцијал за нивните политики. Кај нас сето тоа е игнорирано до степен на негација. Секој ве цени на Запад според количеството спротивставување што вие ќе го прикажете. А ние последните три децении покажавме дека сакаме да бидеме инфантилни и како мало дете некој да нè држи за рака и да нè води. Нормално е потоа другите да ни ги решаваат проблемите, секогаш на наша штета – истакнува професорката.

Треба да си го бараме проблемот во самите нас

Според неа, потребен е сериозен пристап за да се откријат причините зошто токму Македонија како држава се соочува со ваков однос од страна на ЕУ.
– Потребна е социолошка анализа на целото наше општество, за да ги видиме сите аномалии, во економското, културолошкото, политичкото и научното однесување на целата наша македонска заедница, особено од периодот од самостојноста до денес. Сега ако јас како историчар се обидам сето тоа да го анализирам, доаѓам до впечатокот дека ние не сме имале никаква соодветна надворешна политика да се справиме со билатералните, а уште помалку со мултилатералните проблеми. Треба да си го бараме проблемот во самите нас – заклучува професорката Наташа Котлар-Трајкова.