Фото: Игор Бансколиев

Обновениот договор предвидува и нов дистрибутивен систем за да обезбеди невидено зголемување на солидарноста

УЕФА и ЕЦА потпишаа историски договор за
зајакнување на иднината на европскиот фудбал

Европската фудбалска унија (УЕФА) и Европската клупска асоцијација (ЕЦА) потпишаа обновен меморандум за разбирање со кој се продолжува нивната соработка до 2030 година. Со новиот меморандум ќе се зајакнат долгорочно стабилноста и одржливиот раст во европскиот клупски фудбал, пишува УЕФА. Обновениот договор ги усогласува напорите за соработка на двете организации со еволуирачкиот пејзаж на меѓународниот календар на натпревари за мажи и за жени и претстојните структурни промени во машките европски клупски натпреварувања, од сезоната 2024/2025, кои ќе донесат повеќе можности за повеќе клубови, но и за играчите и за гледачите.
Централен елемент на овој договор е заедничкиот приоритет за негување на европскиот клупски фудбал на секое ниво. Ова ќе се манифестира преку нов модел на распределба на приходите за циклусот од 2024 до 2027 година, со невидено зголемување на солидарните исплати што ќе им користи на клубовите во натпреварите во домашните првенства.
Уделот резервиран во новиот циклус за клубовите што не учествуваат во лигашката фаза на европските клупски натпреварувања ќе се зголеми на вкупно 10 отсто, покрај три проценти резервирани за клубовите елиминирани во квалификациските рунди, уделот за клубовите што воопшто не учествувале ќе порасне на седум отсто (од сегашните четири проценти), обезбедувајќи 440 милиони евра по сезона, што е 1,32 милијарда евра во текот на циклусот, во она што е единствената шема за прераспределба за клубовите на паневропско ниво, пишува УЕФА.
Новиот дистрибутивен систем за клубовите учеснички ќе даде поголем фокус на учеството (од 25 до 27,5 отсто ќе бидат еднакво поделени) и перформансите (од 30 до 37,5 проценти), додека постојните два столба на т.н. маркет-пул и коефициентот ќе бидат споени и намалени (од 45 на 35 отсто). Целосните детали за новиот систем ќе бидат објавени веднаш штом ќе завршат техничките работи, пишува УЕФА.
Новиот договор, исто така, ги отсликува извонредните чекори преземени во развојот на женскиот фудбал. УЕФА и ЕЦА се обединети во нивната желба да ги подобрат натпреварите, поттикнувајќи го растот на следната генерација талентирани фудбалерки и воспоставувајќи ја основата за издржлив и одржлив женски фудбалски екосистем и бизнис-модел, пишува УЕФА.
Обновениот меморандум за соработка продолжува да дава приоритет на критичните прашања како што се еколошкото, социјалното и корпоративното управување, како и финансиската одржливост за да се обезбеди целокупната благосостојба на европскиот фудбал. Н.М.