Германскиот интернационалец може да го има 100-от настап во ЛШ како играч на Реал Мадрид и би станал 27-от фудбалер што стигнал до таков значаен момент за еден клуб во Лигата на шампионите (најмногу има Чави, 151 за Барселона). Досега вкупно 47 играчи имаат барем 100 настапи во ЛШ
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
aНаполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас ќе го пречека Реал Мадрид во второто коло од новата сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), утре, а тој дуел за Германецот Тони Крос може да има дополнително значење бидејќи може да го има 100-от настап во елитното натпреварување како играч на Реал Мадрид. Со тоа тој би станал 27-от фудбалер што стигнал до таков значаен момент за еден клуб во Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Вкупно 47 играчи имаат 100 или повеќе настапи во Лигата на шампионите во текот на годините. Списокот на сите времиња на УЕФА вклучува играчи од раните денови на натпреварувањето, како и оние што уште го зголемуваат тој број. Дефанзивецот на Челси, Тиаго Силва, беше 47-от што се запиша на славната листа, достигнувајќи го историскиот меч во средбата на Челси со Милан во октомври 2022 година.
На листата се, на пример, и членот на Милан во 90-тите години на минатиот век, Паоло Малдини, па играчи од силниот тим на Барселона на Пеп Гвардиола како Чави Ернандез, Лионел Меси и Андрес Иниеста, потоа одличната екипа на Манчестер јунајтед со Пол Сколс, Рајан Гигс, Гери Невил и Дејвид Бекам, па гиганти како Икер Касиљас, Џанлуиџи Буфон, Тиери Анри, Томас Милер, Серхио Рамос и, се разбира, петкратните шампиони Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Лука Модриќ, пишува УЕФА. Раул Гонзалес стана првиот играч што забележал 100 настапи во Лигата на шампионите на 21 февруари 2006 година, кога тогаш 28-годишниот фудбалер влезе како замена во поразот на Реал Мадрид со 1-0 на домашен терен од Арсенал. Шест фудбалери постигнаа гол на нивниот 100-ти настап во ЛШ. Роберт Левандовски е единствениот што постигна повеќе од еден погодок на таков дуел, бидејќи оствари хет-трик за Баерн против Бенфика во 2021 година. Другите стрелци на 100-от меч во ЛШ се Тони Крос (Реал Мадрид), Андреа Пирло (Јувентус), Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ) и Тиери Анри (Барселона), пишува УЕФА.
Точно 26 фудбалери имаат над 100 настапи во Лигата на шампионите за еден клуб, вклучувајќи осум за Реал Мадрид и седум за Барселона. Чави го држи рекордот, со 151 натпревар за Барселона, а потоа се Икер Касиљас (150 за Реал Мадрид), Лионел Меси (149 за Барселона), Томас Милер (143 за Баерн, единствен што е активен и сезонава во ЛШ), Рајан Гигс (141 за Манчестер јунајтед), Карим Бензема (133 за Реал Мадрид), Раул Гонзалес (130 за Реал Мадрид), Андрес Иниеста (130 Барселона)… Н.М.
НАЈМНОГУ НАТПРЕВАРИ ВО ЛШ
183 Кристијано Роналдо
177 Икер Касиљас
163 Лионел Меси
152 Карим Бензема
151 Чави Ернандез
143 Томас Милер
142 Раул Гонзалес
141 Рајан Гигс
140 Тони Крос
138 Серхио Рамос
131 Мануел Ноер
130 Андрес Иниеста
ФУДБАЛЕРИ СО 100 МЕЧА ВО ЛШ ЗА ЕДЕН КЛУБ
151 Чави Ернандез (Барселона)
150 Икер Касиљас (Реал Мадрид)
149 Лионел Меси (Барселона)
143 Томас Милер (Баерн)
141 Рајан Гигс (Манчер Јунајтед)
133 Карим Бензема (Реал Мадрид)
130 Раул Гонзалес (Реал Мадрид)
130 Андрес Иниеста (Барселона)
129 Серхио Бускетс (Барселона)
129 Серхио Рамос (Реал Мадрид)
124 Жерар Пике (Барселона)
124 Пол Сколс (Манчер Јунајтед)
Извор: УЕФА
ЛШ, 2. КОЛО
ВТОРНИК
Група А
Манчестер ј. – Галатасарај 21 ч.
Копенхаген – Баерн 21 ч.
Група Б
Ленс – Арсенал 21 ч.
ПСВ Ајндховен – Севилја 21 ч.
Група Ц
Унион Берлин – Брага 18.45 ч.
Наполи – Реал Мадрид 21 ч.
Група Д
Салцбург – Сосиедад 18.45 ч.
Интер – Бенфика 21 ч.
СРЕДА
Група Е
Атлетико Мадрид – Феенорд 18.45 ч.
Селтик – Лацио 21 ч.
Група Ф
Борусија Д. – Милан 21 ч.
Њукасл – ПСЖ 21 ч.
Група Г
Лајпциг – Манчестер с. 21 ч.
Црвена звезда – Јанг бојс 21 ч.
Група Х
Антверпен – Шахтер 18.45 ч.
Порто – Барселона 21 ч.