ФИФА, УЕФА, ИФАБ, национални федерации, лиги, клубови, тренери, судии, фудбалери и навивачи ќе учествуваат на симпозиум на УЕФА во Лисабон, заедно со експерти за технологија и за комуникација и претставници од други спортови што користат видеотехнологија. „Ова не е само состанок, тоа е многу важна пресвртница за фудбалот, прва средба за ВАР во светот“, рече Розети, управен директор на УЕФА за судење
ФУДБАЛ
Роберто Розети, управниот директор на Европската фудбалска унија (УЕФА) за судење, верува дека инаугуративниот симпозиум на УЕФА за системот видеопомошник-судија (ВАР) во Лисабон може да ги постави темелите за градење „обединет пристап“ за тоа како европскиот фудбал го применува ВАР. Светската фудбалска федерација (ФИФА), УЕФА, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), национални федерации, лиги, клубови, тренери, судии, фудбалери и навивачи ќе учествуваат на симпозиумот, заедно со експерти за технологија и за комуникација и претставници од други спортови што користат видеотехнологија за поддршка на официјалните одлуки, пишува УЕФА.
– Униформноста е клучот за судењето и за ВАР, кој е целосно интегриран во судењето. Нашата цел е да бидеме константни на секој натпревар, не само во натпреварувањата на УЕФА туку и на домашните натпревари – рече Розети.
Судиите во просек носат 200 одлуки на секој натпревар, по една на секои 20-25 секунди, без употреба на ВАР, 97,49 отсто од одлуките се точни, а користењето технологија ја зголемува прецизноста во одлучувањето на 99,60 проценти, пишува УЕФА. ВАР првпат беше воведен за нокаут-рундите во Лигата на шампионите во сезоната 2018/2019.
– Ова не е само состанок, ова е многу важна пресвртница за фудбалот, прва средба за ВАР во светот. Треба да ја најдеме вистинската рамнотежа на комуникацијата за да бидеме транспарентни на вистинскиот начин, не покажувајќи ја секоја поединечна одлука, туку давајќи им на засегнатите страни вистинските алатки за читање и за разбирање секоја ситуација. Технологијата работи многу добро кога станува збор за објективни или фактички одлуки, ако топката е внатре или надвор или за офсајд. Кога зборуваме за толкувања, потешко е, тоа е проблем со кој не се соочуваат во тенисот или во одбојката, но во фудбалот има низа конзистентни примени на правилата на играта меѓу две линии, а нашата задача е да го намалиме тој опсег – рече Розети.
Оценувајќи го досегашното влијание на ВАР, Розети е охрабрен од она што е постигнато за релативно кратко време.
– Влијанието на ВАР е апсолутно позитивно. Мораме да запомниме дека ова уште е млад проект и е многу силен во однос на прецизноста на одлуките и заштитата на играчите, сериозните прекршоци и насилничкото однесување се многу ретки во фудбалот на највисоко ниво сега. Сепак, знаеме дека примената на ВАР уште не е совршена. Уште има простор за напредок – рече тој.
Делегатите од 46-те европски земји што применуваат или најавија дека ќе применуваат ВАР ќе присуствуваат на серија презентации и панел-дискусии. Ќе има и презентации од експерти за видеотехнологија од одбојка, кошарка и крикет, како и серија студии на случаи на најдобри практики од целиот европски фудбал. Н.М.