Португалецот постигна вкупно 35 гола во првенството на Саудиска Арабија и за еден гол го надмина досегашниот рекорд остварен во сезоната 2018/2019

ФУДБАЛ

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо (39) во голем стил ја заврши сезоната во првенството на Саудиска Арабија, притоа поставувајќи нов рекорд по бројот на постигнати голови во една натпреварувачка сезона во тамошниот шампионат.
Во мечот од последното, 34-то коло, клубот Ал Наср, за кој настапува Роналдо, го победи Ал Итихад со 4-2, а феноменалниот Португалец постигна два гола, со што стигна до рекордната бројка од 35 погодоци во една натпреварувачка сезона. Претходниот рекорд беше во сопственост на поранешниот марокански напаѓач Ал Наср Абдеразак Хамдала, кој успеа 34 пати да ја затресе противничката мрежа во сезоната 2018/2019.
– Не ги следам рекордите, тие ме следат мене – кратко напиша Роналдо на социјалните мрежи по завршувањето на натпреварот.
Роналдо во 45-та минута постигна гол за водство од 1-0, а во 69-та минута го зголеми на 2-0. Стрелци за победничкиот клуб беа уште Гареб (79) и Ал Немер (90+5), додека за поразениот тим, погодија Ал Шамрани (89) и Фабињо (90+2). Титулата првак на Саудиски Арабија ја освои Ал Хилал со 96 бода, додека Ал Наср е втор со 82.
Покрај овој, Роналдо постави и уште еден рекорд, стана првиот фудбалер во историјата што бил најдобар стрелец во четири различни национални лиги. Претходно тоа му успеа трипати во Шпанија, а по еднаш во англиската Премиер-лига и во италијанската Серија А. Г.И.