Вкупно 25 од 36-те екипи уште се во игра за соодветен пласман во некоја од следните фази. Сите 18 натпревари ќе се играат во исто време, од 21 часот в среда, а за пласман во некоја од следните фази ќе се решава во 16 меча
ФУДБАЛ – ПОСЛЕДНО КОЛО ОД ЛИГАШКАТА ФАЗА СЕЗОНАВА
Воведната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ) ќе има возбудливо последно коло задутре, откако 25 од 36-те екипи уште се во игра за соодветен пласман во некоја од следните фази. Сите 18 натпревари ќе се играат во исто време, од 21 часот в среда, а за нешто ќе се решава во 16 натпревари. Ова е прва сезона од новиот формат на Лигата на шампионите. До лани имаше осум групи со по четири тима, од кои понатаму одеа два и ситуации кога понекогаш немаше за што да се игра во последното коло, пишува „Би-би-си“.
– Ова е брилијантно, наместо најдосадното што го имавме со години во последното коло. Неделава ќе биде сензационална – напиша поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Џејми Карагер на социјалните мрежи, пренесе „Би-би-си“.
Тимовите што ќе бидат на првите осум места автоматски ќе се пласираат во осминафиналето, каде што ќе бидат носители. Тие ќе ги чекаат победниците од осумте нокаут плејоф-дуели, во кои ќе учествуваат клубовите од деветтото до 24-то место на табелата. Оние што ќе бидат од деветтото и 16-то место ќе бидат носители и ќе се соочат со тим пласиран од 17-то до 24-то место, со предност да го играат реваншот дома. Клубовите од 25-то до 36-то место ја завршуваат европската сезона.
По седум кола, Ливерпул и Барселона имаат загарантирано директно место во осминафиналето. Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Милан, Аталанта, Баер, Астон вила, Монако, Феенорд, Лил, Брест, Борусија Дортмунд, Баерн, Реал Мадрид, Јувентус и Селтик имаат осигурено место најмалку во плејофот. За настап во плејофот ќе играат ПСВ Ајндховен, Клуб Бриж, Бенфика, Пари сен Жермен, Спортинг, Штутгарт, Манчестер сити, Динамо Загреб и Шахтер, а сезоната во европските купови ја завршуваат Болоња, Спарта Прага, Лајпциг, Џирона, Црвена звезда, Штурм, Салцбург, Слован и Јанг Бојс.
Кое место еден тим ќе го освои на првенствената табела одредува со кој ривал ќе игра и кога ќе може да се соочи со тој тим во нокаут-фазата. Така, на пример, првопласираниот во осминафиналето ќе игра со тим што на табелата ќе биде од 15-то до 18-то место. Кој ќе биде тимот ќе биде познато дури по плејофот, но однапред утврдената ждрепка значи дека тој тим ќе биде победник на плејоф-двојка на екипите што ќе бидат на тие четири места на табелата, пишува „Би-би-си“.
ПРВОПЛАСИРАНИТЕ ДВА ТИМА ЌЕ МОЖЕ ДА ИГРААТ МЕЃУ СЕБЕ САМО ВО ФИНАЛЕТО
Победникот на лигашкиот дел до финалето нема да може да се соочи со тимот што ќе биде на второто место на табелата. Исто така, на пример, тимот што ќе го освои седмото или осмото место може да игра со екипа што е веднаш под нив на табелата, на деветтото или на 10-то место.
Тимовите од деветтото до 16-то место ќе бидат носители во ждрепката за плејофот и ќе играат со екипа од 17-то до 24-то место. Со кого ќе играат носителите ќе се одреди со ждрепка, но клубовите ќе имаат само два можни противника. На пример, тимовите на деветтото и на 10-то место се во пар и ќе играат со тим на 23-то или на 24-то место. Итн.
Двата пара натпревари ќе бидат извлечени во спротивните половини од целокупната ждрепка и носителите ќе го играат реваншот на плејофот на домашен терен.
СЕКОЈ НАТПРЕВАР Е ВАЖЕН
Една од причините на Европската фудбалска унија (УЕФА) за промена на овој формат беше со намера „секој натпревар да биде важен“, а се вели дека форматот „ќе осигури секој резултат да има потенцијал драматично да ја промени позицијата на тимот, до и вклучувајќи го последниот натпревар“, пишува „Би-би-си“.
Во осмото коло има неколку натпревари во кои двата клуба играат за иста цел, како Манчестер сити – Клуб Бриж, Штутгарт – Пари сен Жермен, Брест – Реал Мадрид и Интер – Монако, а на некои тимови потенцијално ќе им влијае на пласманот резултатот на повеќе од 10 други натпревари, пишува „Би-би-си“. Астон Вила, на пример, може да престигне шест тима или да биде престигната од 15 екипи (иако не сите 15), вклучувајќи го и ривалот во осмото коло Селтик.
Друга причина што УЕФА ја даде за новиот формат беше да обезбеди повеќе натпревари меѓу најдобрите тимови во почетната фаза на турнирот, па, сезонава Реал Мадрид играше со Борусија Дортмунд и со Ливерпул во повторување на неодамнешни финалиња, Барселона со Баерн, Пари сен Жермен се сретна со Арсенал, Атлетико Мадрид, Баерн и со Манчестер сити, пишува „Би-би-си“.
ТРКА И ПАРИЧНИТЕ НАГРАДИ
Секој клуб за настап сезонава во ЛШ добива по 18,62 милиони евра, со бонуси за учинок од 2,1 милиони евра за победа и 700.000 евра за реми. Секоја позиција на табелата е акција вредна 275.000 евра. Така, тимот што ќе биде на 36-то место ќе заработи толку пари, тој на 35-то место сума во вредност на две акции, за 34-то место 825 илјади…, а 9,9 милиони евра за првиот тим на табелата (36 акции). Клубовите од првото до осмото место, исто така, добиваат бонус од по два милиони евра, а тимовите од деветтото до 16-то по еден милион евра. Има парични награди и за пласмани во секоја наредна рунда (11 милиони за осминафиналето 12,5 милиони за во четврт-финалето, 15 милиони за полуфиналето, 18,5 милиони евра за настапот во финалето и уште 6,5 милиони евра за победникот на ЛШ, пишува УЕФА). Згора, двата клуба што ќе играат во Суперкупот на УЕФА може да очекуваат по четири милиони евра, при што победникот добива уште еден милион евра. УЕФА, исто така, воведе посебен фонд, од приходите за ТВ-права, кој, повторно, се зголемува во зависност од местото на табелата.
Лига на шампионите, осмо коло, среда, од 21 часот: Астон вила – Селтик, Баер – Спарта Прага, Борусија Дортмунд – Шахтер, Јанг бојс – Црвена звезда, Барселона – Аталанта, Баерн – Слован Братислава, Интер – Монако, Салцбург – Атлетико Мадрид, Џирона – Арсенал, Динамо Загреб – Милан, Јувентус – Бенфика, Лил – Феенорд, Манчестер сити – Клуб Бриж, ПСВ Ајндховен – Ливерпул, Штурм – Лајпциг, Спортинг – Болоња, Брест – Реал Мадрид и Штутгарт – Пари сен Жермен.
Табела: Ливерпул 21 бод, Барселона 18, Арсенал и Интер по 16, Атлетико Мадрид и Милан по 15, Аталанта 14, Баер, Астон вила, Монако, Феенорд, Лил и Брест по 13, Борусија Дортмунд, Баерн, Реал Мадрид, Јувентус и Селтик по 12, ПСВ Ајндховен и Клуб Бриж по 11, Бенфика, Пари сен Жермен, Спортинг и Штутгарт по 10, Манчестер сити и Динамо Загреб по осум, Шахтер седум, Болоња пет, Спарта Прага четири, Лајпциг, Џирона, Црвена звезда, Штурм и Салцбург по три, Слован Братислава и Јанг бојс се без бодови. Н.М.