На Светското првенство (СП) што почнува в недела нема да настапат повеќе фудбалери од некои репрезентации, а голем број се во составите, но уште заздравуваат од повредите. Британскиот дневен весник „Индепендент“ направи една листа со фудбалерите што ќе отсуствуваат и со тие што можеби ќе настапат на Мундијалот во Катар. Во продолжение следуваат некои од тие фудбалери.
На листата на фудбалерите што нема да настапат на СП 2022, „Индепендент“ меѓу другите ги вметна Пол Погба (играчот од средниот ред беше во срцето на победата на Франција на СП 2018, но ќе го пропушти СП 2022 поради повреда на коленото), Н’Голо Канте (го формираше јадрото на француската селекција во 2018 година заедно со Погба, но ја оперира повредената тетива), Диого Жота (напаѓачот на Ливерпул стана клучен играч за Португалија, но повредата на потколеницата значи дека тој се соочува со месеци да биде надвор од теренот), Педро Нето (португалскиот напаѓач ќе го пропушти СП откако доби оштетување на лигаментите на глуждот играјќи за Вулверхемптон), Георгинио Вајналдум (скршеницата на ногата претрпена само неколку дена по дебито во Рома значи дека офанзивниот играч за врска на Холандија нема да се врати на терените за СП), Гилерме Арана (бразилскиот лев бек со златен олимписки медал од Токио требаше да настапи, но повредата на коленото бара реконструкција на лигаментите, како и операција на ’рскавицата и на менискусот и тој е надвор од теренот на долги патеки), Хесус Корона (крилниот напаѓач од Мексико е надвор од теренот по повредата на лигаментите летово), Тимо Вернер (напаѓачот на Германија излезе на последниот меч од групната фаза сезонава во Лигата на шампионите за Лајпциг со повреда на зглобот и, и покрај првичните надежи дека не е сериозна, прегледите открија оштетување на лигаментите и тој ќе биде надвор од теренот до крајот на 2022 година), Бен Чилвел (англискиот бек се бореше со повреда во изминатите 12 месеци за да биде подготвен и за Челси и за репрезентацијата, но тој ја скина тетивата во меч од Лигата на шампионите), Рис Џејмс (крилниот бек на Челси и на Англија го повреди коленото играјќи во ЛШ), Џовани Ло Селсо (аргентинскиот играч од средниот ред беше редовен низ квалификациите, но не закрепна од повредата на тетивата)…

На листата фудбалери неизвесни за настап, „Индепендент“, меѓу другите, ги вметна Садио Мане (напаѓачот на Баерн и на Сенегал го повреди коленото две недели пред СП, но повикан е во репрезентацијата), Рафаел Варан (францускиот централен бек ја повреди тетивата играјќи за Манчестер јунајтед минатиот месец и се обидува да закрепне навреме за Катар), Кајл Вокер (дефанзивецот на Манчестер С. и на Англија, кој беше клучен за успехот на претходните турнири, уште закрепнува од операцијата на препоните, но верува дека може да се врати навреме за СП), Раул Хименез (напаѓачот на Вулверхемптон и на Мексико брза да се подготви за турнирот, откако малку играше сезонава поради повреда на препоните), Томас Меуниер (дефанзивецот на Борусија Д. имаше фрактура на јаболчната коска за која беше потребна операција, но тој се надева дека ќе закрепне за да влезе во тимот на Белгија за СП), Сон Хеунг-мин (напаѓачот на Тотенхем и на Јужна Кореја беше опериран за фрактура на лицето во меч од ЛШ), Ричарлисон (напаѓачот на Тотенхем ја повреди потколеницата минатиот месец)…