Пеле засекогаш ќе остане оној ненадминатиот, големиот ас на фудбалскиот терен, вели Зоран Михајлов. „За мене Пеле е најголемиот фудбалер на сите времиња. Се гордеам што, ете, и јас имав можност да играм против една таква фудбалска величина“, рече Методија Спасовски. „Пеле беше и остана кралот на фудбалот“, изјави Кочо Димитровски. „Сѐ што може да поседува еден фудбалер беше токму Пеле“, вели Ѓоре Јовановски. „Разликата помеѓу Пеле и другите фудбалери е токму во големината на личноста“, вели Ѓоко Хаџиевски

НА 82-ГОДИШНА ВОЗРАСТ ПОЧИНА ЕДСОН АРАНТЕС ДО НАСИМЕНТО

Фудбалската легенда, Бразилецот Пеле, почина во четвртокот, во Сао Пауло, на 82-годишна возраст. Едсон Арантес до Насименто Пеле, кралот на фудбалот, е едно од најпрепознатливите лица во светскиот спорт, а своевремено Светската фудбалска федерација (ФИФА) го прогласи за најдобар играч на 20 век.

МИХАЈЛОВ: ПЕЛЕ БЕШЕ ФУДБАЛСКИОТ КРАЛ

– И денес се сеќавам на оној „стравотен“ состав на Бразил, кој во период од 12 години беше доминантен на Земјината топка. Да се освојат три од вкупно четири светски првенства, тоа беше нешто неверојатно. Но, ете, и тоа се случи, предводен од најголемата своја и светска ѕвезда Пеле, Бразил го покори светот и во 1958 година, потоа во 1962 и во 1970 година ги освојуваше светските титули. На сите три шампионати лидер во бразилскиот состав, кој имаше фудбалери што засекогаш остануваат во сеќавањата на љубителите на фудбалот, беше токму Пеле. Тој со неполни 18 години, иако во Шведска допатува повреден и мораше постојано да биде под терапија, на теренот беше незапирлив. За Пеле немаше пречки, „газеше“ сѐ пред себе и се вивна во фудбалските височини. За да стане појасно чиј лидер беше Пеле, не можам а да не го споменам тогашниот состав на Бразил: Гилмар, Џалма Сантос, Нилтон Сантос, Орландо, Белини, Зито, Гаринча Диди, Пеле, Вава и Загало. Човек страв да го фати само кога ќе помисли на овие имиња, а камоли да заигра против нив. Пеле беше неверојатен. Што да се каже и да се напише за него, дури да се употребат сите суперлативи што ги красат фудбалерите, ништо не е пренасилено, сѐ е вистинито. Пеле беше фудбалскиот крал, кој не случајно беше прогласен не само за фудбалер на 20 век туку и за најдобар и најпопуларен спортист на тој век. Иако зад себе имам искуство од повеќе од 55 години како спортски новинар, и денес ми затреперува раката кога го пишувам овој текст за кралот на фудбалот, кој во 82-та година од животот замина во вечноста. Пеле за мене, додека сум жив, ќе остане првата фудбалска ѕвезда. Можеби ќе дојдат нови имиња, како што доаѓаат, и ќе го обележат своето време, но Пеле засекогаш ќе остане оној ненадминатиот, големиот ас на фудбалскиот терен – вели Зоран Михајлов, доајен на македонското новинарство.

СПАСОВСКИ И ДОЈЧИНОВСКИ ИГРАА ПРОТИВ ПЕЛЕ

На 17 декември 1968 година две македонски фудбалски легенди, Методија Спасовски и Кирил Дојчиновски, играа против Бразил предводен од Пеле, на славниот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро, во пријателски меч (3-3).
– За мене, Пеле е најголемиот фудбалер на сите времиња. Би рекол играчиште, херкул во фудбалер. Како личност, пак, беше друштвен, секогаш насмеан, не беше себичен, му помагаше секому. На теренот секогаш продорен, со прецизни додавања, силни удари со двете нозе. Имав чест да играм против него, заедно со Кирил Дојчиновски, на дуелот на „Маракана“ во Бразил, во дресот на поранешна Југославија, а јас постигнав и гол. Тешко беше да се чува таков играч каков што беше Пеле. Токму затоа и се гордеам што, ете, и јас имав можност да играм против една таква фудбалска величина како што беше Пеле и токму во времето кога Бразил имаше неприкосновена генерација – рече Спасовски.
Пеле, кој беше тој што го измисли универзално користениот прекар на фудбалот „убавата игра“ (O jogo bonito), веројатно беше првата глобална суперѕвезда на фудбалот.

ДИМИТРОВСКИ: НАЈГОЛЕМИОТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

– Пеле беше и остана кралот на фудбалот и сосема заслужено беше прогласен за фудбалер на векот. Според мене, освен тој, не може да биде никој друг. Тој вложи и постигна многу во фудбалот, и затоа голема благодарност до него, оти сите ние уживавме во неговите фудбалски мајстории, но и во неговото однесување на теренот. Едноставно, тој беше вистински фудбалски џентлмен. Иако физички замина од овој свет, тој засекогаш живее во нашите срца, неговиот спомен ќе биде вечен, оти големите фудбалери никогаш не умираат. Секој период си носи големи фудбалски имиња, како што денес се Меси и Роналдо, а порано и Марадона, но за мене, сепак, Пеле беше најголемиот на сите времиња. Тој влезе со 17 години во репрезентацијата на Бразил, а тоа секако дека доволно говори. Едноставно беше човек без мана, имаше сѐ што треба да го краси еден фудбалер, а тоа е брзина, скок, прецизен и силен шут со двете нозе, а зад себе не остави ниту една афера – вели македонската фудбалска легенда Кочо Димитровски.
Пеле е единствениот фудбалер со три титули светски првак, најмладиот стрелец, најмладиот стрелец на хет-трик, најмладиот финалист и најмладиот играч што постигнал гол во финале на светските првенства, тој е еден од петтемина што постигнале гол на четири или повеќе светски првенства и еден од петтемина што постигнале голови во две финалиња на СП. Пеле забележа шест асистенции на СП 1970, рекорд за едно СП… пишува ФИФА.
– Јас сум роден да играм фудбал, исто како што Бетовен е роден да пишува музика, а Микеланџело е роден да слика – изјавил Пеле.

ЈОВАНОВСКИ: СЀ ШТО МОЖЕ ДА ПОСЕДУВА ЕДЕН ФУДБАЛЕР БЕШЕ ТОКМУ ПЕЛЕ

Сведоштво за брилијантноста на Пеле се и две случки на СП 1970, кога тој не постигна гол, а, сепак, се користат и денес како главни показатели на вештината, моќта, елеганцијата и на менталната брзина и агилност што го означуваат како веројатно најголемиот што некогаш ја играл оваа игра, пишува „Би-би-си“. Првиот се случи на меч од групната фаза против Чехословачка, кога Пеле, од неколку метри во центарот на својата половина, ја прими топката, а потоа го забележа голманот надвор од неговата гол-линија, па со елегантен, инстинктивен лоб ја испрати топката во висок лак кон голот, но неколку сантиметри покрај стативата. Во полуфиналето со Уругвај, Пеле трчаше со полна брзина по додавањето од Тостао, но сакаше да го помине голманот дозволувајќи ѝ на топката да помине покрај двајцата, за можеби најголемиот дриблинг без топка во историјата на светските првенства.
– Сум одиграл над 500 натпревари, а на многу од нив не се ни сеќавам, но не можам да го заборавам составот на Бразил кога стана светски првак во 1970 година, значи повеќе од 50 години тој останува врежан во мене. А Бразил тогаш настапи во состав: Феликс, Брито, Пјаца, Арберто, Клодоалдо, Евералдо, Жерзињо, Жерсон, Тостао, Пеле и Ривелињо. Според анкетите направени во Бразил, ова е најдобрата репрезентација на Бразил. Според мене, и со право Пеле е прогласен за најдобар фудбалер на светот. Едноставно сѐ што може да поседува еден фудбалер беше токму Пеле, да реши сам натпревар, да постигне убави голови од далечина, да проигра, со непредвидливи дриблинзи… Но тој и како личност беше омилен, без скандали, афери, без да навреди некого, што би се рекло имаше фудбалска харизма – вели некогашниот фудбалер на Вардар и македонски селектор Ѓоре Јовановски.

ХАЏИЕВСКИ: ИДЕАЛЕН ФУДБАЛЕР

Пеле кариерата ја почна во Бауру, во државата Сао Пауло, потоа му се приклучи на Сантос, каде што набргу дебитира за сениорскиот тим, на возраст од 15 години, постигнувајќи го првиот од повеќе од 1.000 гола во кариерата. Сантос доминираше не само во Бразил туку и подалеку, освојувајќи ја Копа либертадорес во 1962 и 1963 година, а потоа и Интерконтиненталниот куп. Тој првпат го облече дресот на Бразил на возраст од 16 години и девет месеци, против Аргентина на „Маракана“ (1-2), постигнувајќи го првиот од 77-те гола во 92 настапи за Бразил, со кој како 17-годишник ја освои првата титула, зачинета со шест гола, од кои еден хет-трик во полуфиналето и два гола во финалето на СП 1958, а потоа освои уште две титули, во 1962 и во 1970 година, постигнувајќи го воведниот гол во победата со 4-1 со Италија во финалето.
– Разликата помеѓу Пеле и другите фудбалери е токму во големината на личноста. А токму таква личност беше Пеле, кој, според мене, е убедливо најдобриот фудбалер во светот. А, Пеле тоа и го заслужи со неговата интелигентна игра, со која пленеше на теренот, потоа неговото движење, чувството за простор, повратните топки, головите, прецизниот шут со двете нозе, дриблинзите, храбро влегување меѓу противничките играчи, одлична игра со глава, скок, рамо, колено, гради, секогаш подготвен да влета кон противничкиот гол и на крајот „бомба-шутот“. Тој беше идеален фудбалер и затоа бев тажен кога играа грубо против него и го повредуваа, а скокав од радост како дете кога постигнуваше голови. Денес прават споредби на Пеле со Меси и со Роналдо, но сметам дека и да ги спојат двајцата, не се како него. Пеле беше многу благороден, народен човек, секогаш со насмевка на лицето, а и многу омилен во целиот свет, кого сите го сакаа, а тој никогаш не велеше дека е најдобриот играч. Зад себе остави една голема и неизбришлива трага во светскиот фудбал – вели некогашниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски. Г.И.; Г.М.


Рекоа за Пеле

– Пеле направи револуција во фудбалот. Пеле прекина војна. Пеле обедини земји, обедини семејства. Немаше проблем со раса, проблем со јазикот. Роден сум во 1970 година. Во 2002 година станав светски шампион. Бев капитен. Ја имав честа да го добијам трофејот од Пеле! Човеку! Ако кажам уште нешто, ќе заплачам. (Кафу за ФИФА)
– Да го гледаш како игра, значи да го гледаш одушевувањето на детето во комбинација со извонредната милост на човекот. (Нелсон Мандела)
– Пеле беше еден од ретките што се спротивставија на мојата теорија: наместо 15 минути слава, тој ќе има 15 века. (Енди Ворхол)
– Уметник, во моите очи, е некој што може да осветли темна соба. Никогаш не сум ја открил и нема да ја најдам разликата помеѓу додавањето од Пеле до Карлос Алберто во финалето на Светското првенство во 1970 година и поезијата на младиот Рембо. Во секоја од овие човечки манифестации има израз на убавина што нѐ допира и ни дава чувство на вечност. (Ерик Кантона)
– Пеле го одведе фудбалот на друго ниво. (Џани Инфантино)
– Најдобриот играч во историјата беше Ди Стефано. Одбивам да го класифицирам Пеле како играч. Тој беше над тоа. (Ференц Пушкаш)
– Апсолутно сите сакаа да се поздрават, да се фотографираат со него. Да се каже дека сте биле на забава со Пеле беше најголемата чест што може да се случи. (Мик Џегер)
– Оваа дебата за играчот на векот е апсурдна. Има само еден можен одговор: Пеле. (Зико)
– Дури и небото плачеше. (Бразилски весник еден ден откако Пеле го одигра последниот меч во кариерата на пријателскиот дуел Космос – Сантос)

Извор: ФИФА


Музика, филм, популарност

Четири дена пред да наполни 80 години, Пеле ја објави песната „Слушај го старецот“, снимена со добитниците на „греми“ во 2019 година, Родриго и Габриела. Пеле ја сакаше музиката цел живот и компонираше стотици песни од раните 1960-ти. Тој носел диктафон со себе насекаде, бидејќи „песна може да ви дојде во глава во секое време, дури и на Светско првенство“. Пеле имаше главна улога во филм од 1981 година („Бегство во победа“), во кој глумеа и Силвестер Сталоне, Мајкл Кејн, Боби Мур… Во 1970 година Пеле беше прогласен за најпозната личност на планетата…, пишува меѓу другото ФИФА.