Место во осминафиналето по четвртото коло обезбедија Баерн, Реал Мадрид, Сосиедад, Интер, Манчестер сити и Лајпциг

Во петтото коло на Лигата на шампионите (ЛШ) неделава, рекордерот Пепе и несопирливиот Томас Милер ќе се обидат да ги врежат своите имиња уште подлабоко во најдоброто европско клупско натпреварување, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Што и да се случи во петтото коло, Интер и Сосиедад ќе играат меѓу себе во Милано за првото место во групата Д. Групата Ф се чини дека е подготвена за возбудлив финиш, со оглед на тоа што Борусија Дортмунд, ПСЖ, Милан и Њукасл се раздвоени со само три бода пред петтото коло. Шест екипи го обезбедија своето место во осминафиналето по четвртото коло (Баерн, Реал Мадрид, Сосиедад, Интер, Манчестер сити и Лајпциг), а во петтото коло сами решаваат за својот пласман понатаму уште неколку тима.

ПО ШЕСТ ГОДИНИ НОВ МЕЧ НА ПЕПЕ СО БАРСЕЛОНА

Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Серхио Рамос, Чави Ернандез се имињата што се појавуваат кога ќе помислите на натпреварите на Реал Мадрид и Барселона во претходните години. Сеќавања ќе преплават уште еден учесник на т.н. „Ел класико“, Пепе, ако настапи на дуелот со шпанскиот клуб утре. Пепе првпат ќе игра против Барселона откако ја напушти шпанската престолнина во 2017 година. Играчот на Порто има неверојатни 23 меча против Барселона како играч на Реал Мадрид, во кои победи во 10 и загуби во девет од тие натпревари, а оваа средба ќе биде исто толку значајна како и секое од оние класико со оглед на тоа што двете екипи имаат девет бода во групата, три повеќе од Шахтер. Пепе, кој неодамна постави рекорд како највозрасен стрелец во историјата на Лигата на шампионите во 4. коло, ќе биде клучен и мотивиран како и секогаш.
– Секој што ќе ја достигне оваа возраст играјќи на ова ниво, претставувајќи голем клуб како Порто, знае дека се потребни многу работа, жртви и огромна страст за овој спорт. Ќе се обидам да уживам што е можно повеќе – рече тој, пренесе УЕФА.

РОДРИГО МОЖЕ ДА ИЗБИЕ САМ НА ЧЕТВРТОТО МЕСТО

Родени со едвај шест месеци разлика, Винисиус Жуниор и Родриго веќе успеаја да надминат многу голгетери на Реал Мадрид во ова натпреварување. Двајцата сега се изедначени со Фернандо Мориентес на четвртото место за Реал Мадрид во ерата на Лигата на шампионите со по 17 гола, еден повеќе од Герет Бејл, Гути, Луис Фиго и од Роберто Карлос, иако ќе помине некое време пред да ги поминат првите тројца, Кристијано Роналдо (105 гола), Карим Бензема (78) и Раул Гонзалес (66). Реал Мадрид во ова коло се среќава со Наполи. Винисиус Жуниор се очекува да биде надвор од терените неколку недели поради повреда, пишува УЕФА.

МИЛЕР ДОСЕГА ОДИГРА 149 МЕЧА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Томас Милер со настапот на дуелот со Галатасарај го одигра 149. меч во клупските натпреварувања на УЕФА, еден помалку за влез во веројатно најексклузивниот клуб во европскиот фудбал. Плејмејкерот би можел да стане 19-от фудбалер што достигнал 150 натпревари и само вториот што играл за Баерн, по Тони Крос. Првиот следен меч на Баерн е со Копенхаген, кој во претходното коло го победи Манчестер јунајтед со 4-3, со што се искачи на второто место во групата А. Н.М.