Веројатно најкарактеристично на напредокот на Ренџерс во ЛЕ е издржливоста. Европската сезона на шкотскиот тим почна со пораз во квалификациите за ЛШ во Малме, на 3 август лани, а финалето во ЛЕ со Ајнтрахт во Севилја ќе биде 19-ти европски меч сезонава, што е половина од бројот на натпревари во шкотската лига
ФУДБАЛ
И покрај заминувањето на најзаслужниот за шампионската фудбалска титула во Шкотска лани, менаџерот Стивен Џерард, во Астон вила во ноември, извонредниот подем сезонава Ренџерс го заокружи со петтото европско финале, прво по 14 години. Тимот што го предводи Џовани ван Бронкхорст ги надмина сите очекувања и си обезбеди место во финалето на Лига Европа (ЛЕ) во Севилја, на 18 мај, во кое ќе се сретне со Ајнтрахт Франкфурт. Во написот на весникот „Телеграф“ се наведува како Ренџерс успеа во тоа.
Доаѓањето на Ван Бронкхорст, поранешниот играч за врска на Ренџерс, Арсенал, Барселона и на Феенорд, минатиот ноември не беше многу ветувачко за симпатизерите на Ренџерс. Особено што тој го замени Џерард, кој беше своевиден клупски „светец“, затоа што го спречи Селтик да ја освои 10-та последователна титула. Веднаш по доаѓањето, Ван Бронкхорст направи промени во тактиката, преминувајќи од двете „десетки“ кај Џерард, кои правеа пресинг врз централните области, до систем во кој крилните играчи по страничните делови на теренот се обидуваа да ја рашират згуснатата противничка одбрана. Таа промена резултира со седум последователни победи во шкотската Премиер-лига и до второто место во групата на ЛЕ. Но во продолжението од домашното првенство противниците играа уште подефанзивно и се обидуваа да го фатат Ренџерс на контра. Но, по серијата четири нерешени средби и поразот од Селтик, Холанѓанецот се реши за нова формација 4-2-3-1, со двајца играчи од средниот ред, со задача да ѝ помагаат на задната четворка кога е под притисок. Новата тактичка формација и флексибилноста особено добро функционираа во ЛЕ, во која тимовите како малку да го потценија Ренџерс.
Веројатно најкарактеристично на напредокот на Ренџерс во ЛЕ е издржливоста. Европската сезона почна со пораз во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) во Малме, на 3 август лани, а финалето во ЛЕ против Франкфурт во Севилја ќе биде 19-ти европски натпревар сезонава, што е половина од бројот на натпревари во шкотската лига. Вклучувајќи ги и мечевите во Купот и во Лига-купот на Шкотска, мечот против Лајпциг беше 60-ти за Ренџерс сезонава.
Факторот на навивачите на стадионот „Ајброкс“, кој е со капацитет од 50.000 места, имаше голем придонес за успесите на Ренџерс во ЛЕ. Влијанието не е толку врз противниците колку врз Ренџерс, кој не е поразен дома откако Ван Бронкхорст стана менаџер. Ако се оценува според искуството на Селтик во финалето на Купот на УЕФА во Севилја во 2003 година и финалето на Ренџерс во Манчестер во 2008-та, тогаш Севилја треба да се подготви за прилив од 50.000 и повеќе шкотски навивачи, кои ќе сакаат да бидат во близина доколку нивните херои триумфираат на 150-годишнината од основањето на клубот и на 50-годишнината од единствениот претходен европски успех, триумфот во некогашниот Куп на победниците на куповите во 1972 година.