Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – УЕФА СЕ ИЗЈАСНИ

УЕФА не разговара со никакви политички институции, влади или национални фудбалски сојузи, така што, според планираното, финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) ќе се одржи во Истанбул, се наведува во соопштението на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Со тоа, таа ги демантираше медиумските написи дека Лисабон е резервна опција доколку има несакани превирања во Турција по претседателските избори што беа закажани вчера.
Британски „Дејли мејл“ објави дека УЕФА имала неформална дискусија со Фудбалскиот сојуз на Португалија во случај по изборите да започнат немири во Истанбул и со тоа да ја доведат во прашање организацијата на финалето на ЛШ закажано за 10 јуни.
Финалето на ЛШ требаше да се одржи на олимпискиот стадион „Кемал Ататурк“ во Истанбул во 2020 и 2021 година, но тоа го спречи пандемијата на коронавирусот. Така што во двата случаја помогна Фудбалскиот сојуз на Португалија, односно Лисабон, кој беше домаќин на одложениот турнир со осум екипи, вклучувајќи го и финалето без публика, во август 2020 година. Во мај 2021 година, пак, Порто беше домаќин на англиското финале, а само 14.000 гледачи на стадионот можеа да го следат триумфот на Челзи против Манчестер Сити (1-0). Г.И.