Фото: ЕПА

Сѐ повеќе експерти и анализи во западните медиуми се осврнуваат на различните погледи, па дури и конфронтации во врска со прашањето околу тоа колку земјите-членки на ЕУ се согласни со заедничката одбранбена политика, односно стратегиската автономија на ЕУ, како и присуството на САД во Европа. Во анализата, пак, на порталот „Политико“ има еден интересен дискурс за ова прашање, а тоа е „колку, всушност, САД сакаат да бидат присутни во Европа?“

Кои се разидувањата меѓу Источна и Западна Европа во врска со заедничката европска одбранбена политика

Коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон за бриселскиот портал „Политико“, по враќањето од Кина неодамна, предизвикаа незадоволство во западната трансатлантска заедница. Имено, жестоката реакција дојде од Централна и Источна Европа. Во јавноста, тоа се протолкува како своевиден силен симптом на нервоза. Зошто? Имено, повеќето европски влади стравуваат да не направат каква било штета на односите со Соединетите Американски Држави, бидејќи нивната посветеност на одбраната на Европа се покажа поважна од кога било со војната во Украина. Сепак, и покрај таквото размислување, присутна е и дилемата – колку може Европа да се потпира на неодредено време на оваа американска посветеност.

„Политико“ анализира и сугерира

– За да се осигури дека овој однос ќе остане цврст, сега има итна потреба за „стратегиско помирување“ меѓу Европејците, што бара одложување на токсичните концептуални дебати и забрзување на напорите за изградба на посилна европска одбрана – онаа што не е дупликативна, а наместо тоа, да биде во хармонија со онаа на САД.
Од почетокот на војната во Украина, повеќето земји од Централна и Источна Европа го доживуваат моментот „Ти реков“. Тие предупредуваа дека Западот не е доволно строг со Русија, дека зависноста од руските јаглеводороди е стратегиска грешка и дека дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин е еднаков на благослов за неговото однесување. Тие исто така беа во право кога рекоа дека само Соединетите Американски Држави можат ефикасно да ја водат играта за да ги спасат, се наведува во анализата.
Затоа, овие земји се среќни што сега го закопуваат концептот на европска „стратегиска автономија“, кој се однесува на капацитетот на континентот да дејствува и да одлучува сам – односно без да бара дозвола од Америка. Бидејќи, иако тие го прифатија концептот на хартија во официјалните документи на Европската Унија, повеќето земји од Централна и Источна Европа го гледаат како ризик за одвојување од САД.

По четиригодишните напори на Франција за зајакнување на „европската стратегиска автономија“

„Политико“ наметнува и други дилеми. Порталот анализира дека „ваквата ситуација следува по четиригодишните напори што ги поттикнуваше Франција за зајакнување на европската стратегиска автономија, кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше во Белата куќа, давајќи ѝ увид на Европа за тоа како би можел да изгледа внатрешен трансакциски однос на САД со Европа“.
– Некои влади од Централна и Источна Европа беа „и повеќе од вознемирени“ за безбедноста и одбраната на ЕУ. И последователните непријатни расправии што ја вклучија Европа во првата година од администрацијата на претседателот Џо Бајден – како што се хаотичното лошо координирано повлекување од Кабул и изненадувачкото ширење на АУКУС во Индопацификот – не помогнаа за олабавување на односите. Беше потребна војна за да се сменат работите – се вели во анализата и отворено се поставува прашањето:
Која страна на Европа сега стои на вистинската страна на историјата?
Дали сме сведоци, како што тврдат многумина, на поместување на внатреевропската рамнотежа на силите од „старата Европа“ и на последната завеса за стратегиска автономија?

Изградбата на поавтономна европска одбрана станува итна?!

За порталот „Политико“, клучната дилема е:
– Оваа дебата за стратегиската автономија не треба да се обликува со тоа колку САД ги сакаме во Европа, бидејќи она што е важно, на долг рок, е колку САД сакаат да бидат во Европа. И одговорот на ова не лежи ниту во Украина, ниту во Брисел, ниту во Варшава или во Париз – туку во Вашингтон, а особено во држави како Охајо и Калифорнија. Следниот циклус „Ти кажав“ ќе биде одреден со следните избори во САД. И без разлика кој ќе победи на изборите во 2024 година, и демократите и републиканците сакаат европските нации да преземат поголем дел од воениот товар во Европа.
Кога вака се поставени работите, за „Политико“ „изградбата на поавтономна европска одбрана е итна“.
– Секако, постои широко признание од двете страни на Атлантикот дека Европа треба да биде поактивна и да троши повеќе на одбраната. Но досега, во однос на политиката, одговорот од повеќето главни градови на ЕУ и од трансатлантските експерти е дека целта треба да биде „посилен европски столб во рамките на НАТО“. И ова е добро – но самото тоа не е доволно ако во меѓувреме не се извлечат лекции од годините на владеење на Трамп или од тековната војна – дека европската зависност од САД е Ахилова петица за Европа, како и одговорност за САД – тврди „Политико“.
Низ примери, порталот пишува дека „рефлексот на Европа на криење зад САД беше доведен до својата кулминација со драмата околу обезбедувањето тенкови ’леопард‘ за Украина. Реализацијата на одлуката на Берлин се одрази на испораката на американските тенкови ’31 М1 абрамс‘. И додека оваа епизода е претставена како доказ за решителноста на САД, тоа е, всушност, бесрамна демонстрација на цената на европската неодлучност.“
Друг впечатлив пример е набавката. Бидејќи повеќето европски земји наоѓаат нови ресурси за да ги надградат своите армии, важен дел од досега направените нарачки е во корист на неевропските провајдери, како што се САД, Израел или Јужна Кореја. Некои велат дека ова покажува дека индустриската база на Европа не е подготвена или доволно конкурентна за време на војна – но тоа е змија што си ја гризе опашката. Европа никогаш нема да биде на ниво ако не ја почувствува потребата или не верува во својата способност да изгради сопствена робусна одбранбено-индустриска база.
Израел и Јужна Кореја се, всушност, два одлични примера на земји што историски зависат од безбедносните гаранции на САД, но сепак решиле сериозно да инвестираат во своите одбранбено-индустриски бази, претворајќи ги во нето-извозници – и тоа не им наштетило на нивните односи со САД.

Концепт за иднината

Сепак, како што беше нагласено во реакциите на коментарите на Макрон, стратегиската автономија се покажа како премногу разделничка, како интелектуална конструкција за да послужи како привлечен концепт за иднината. Но она што тој го замислува има потенцијал да им служи и на европските и на американските интереси и постои итна потреба за „стратегиско помирување“ меѓу Истокот и Западот на Европа – без оглед на етикетата. Иако тоа не е лесна задача.
Прво, Европејците ќе останат заробени на своите истории и географии. Сепак, и тука постојат начини да се најде заеднички јазик. Западноевропските земји, почнувајќи од Франција, треба да ги признаат трошоците и тешкотиите на патот што претстои ако блокот сака да дејствува автономно, а во меѓувреме од витално значење е да се зачува наративот што ги поттикнува САД да останат во Европа.
Спротивно на тоа, Источна Европа треба да признае дека неодамнешниот пораст на вмешаноста на САД може да биде епилог. Не може да се игнорира дека влијателните гласови во Вашингтон, кои можеби ќе имаат улога во идната американска администрација, повикуваат на радикален пресврт од Европа кон Индопацификот.
Затоа, анализира „Политико“, „на стратегиското помирување му е потребен импулс“. Срамежливите иницијативи за поттикнување заеднички набавки и заеднички инвестиции се охрабрувачки, но не се доволни. Ако Европа сака да стане свој обезбедувач на безбедност, потребно е да понуди многу повеќе. Притоа, лидерството ќе биде од клучно значење и нема потреба да се двои од САД, а европските земји да се потрудат да станат посилни партнери, без разлика каква ќе биде иднината, се наведува во анализата на „Политико“

Подготвил: Mарјан Велевски