Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична фудбалска листа е, на пример, и уште еден трофеен фудбалер, Дејвид Ферклаф (66), двократен европски првак со Ливерпул, победник во Купот на УЕФА и на европскиот Суперкуп

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (7)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација, од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и трикратни европски прваци, но и други фудбалери што биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации… Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандски Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, потоа уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), дефанзивен играч од средниот ред на германски Баерн, но всушност универзален фудбалер, плејмејкерот од Шкотска Џон Мекгаверн (73), капитен при освојувањето на двете европски титули на англиски Нотингем форест, уште еден трикратен европски шампион (со Ливерпул), плејмејкерот од Англија Џими Кејс (68), како и двократниот континентален првак (со Нотингем форест), Ијан Боер од Англија.

На оваа необична фудбалска листа е, на пример, и уште еден фудбалер од Англија, Дејвид Ферклаф (66), центарфорот што освои четири европски трофеи, од кои две европски клупски титули со Ливерпул (1977 и 1978 година, од нив го одигра второто финале). Познат како Суперзамена (тоа е насловот и на неговата автобиографија), бидејќи тој беше талентиран стрелец, кој, во споредба со другите играчи, ретко почнуваше натпревари за Ливерпул, но често влегуваше како резерва. Тој настапуваше за младинските категории на Ливерпул, а за сениорите дебитира во сезоната 1975/1976, во која постигна седум клучни гола во само 14 настапи (девет како резерва), по што Ливерпул ја освои шампионската титула во Англија.
Неговиот прв гол за клубот дојде три дена по неговото деби, во победата со 6-0 над шпанскиот Сосиедад на стадионот „Енфилд“, во второто коло на некогашниот Куп на УЕФА (сега натпреварување со име Лига Европа). Ливерпул го освои трофејот во Купот на УЕФА во таа сезона 1975/1976, по победата со вкупен резултат 4-3 по два меча со белгискиот Клуб Бриж, во кој Ферклаф настапи во првиот, дома, а во вториот финален дуел влезе во игра во 62. минута. Четвртиот европски трофеј, пак, во 1977 година, Ферклаф го зачини со два гола во двата меча со германски Хамбургер за победа во Суперкупот на УЕФА, и тоа во ремито на гости, 1-1, како и во реваншот, во кој Ливерпул победи со 6-0. Овие две средби Ферклаф ги одигра во целост, како стартер.

Тој играше за Ливерпул во време кога главни напаѓачи беа славните Кевин Киген и Џон Тошак, како и англискиот центарфор Дејвид Џонсон. Неговиот можеби најпознат гол како замена за Ливерпул беше постигнат дома, на мечот во кој влезе во вториот дел од клучното четврт-финале на тогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) против француски Сент Етјен. Ливерпул загуби со 0-1 во првиот натпревар во Франција, а во реваншот поведе со 2-1, па вкупниот резултат беше израмнет, 2-2, но Сент Етјен водеше поради правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости (правило укинато пред една сезона). Ферклаф влезе во игра во 70. минута и 14 минути подоцна го постигнат решавачкиот гол за вкупна победа на Ливерпул. Коментаторот на ИТВ Џералд Синстад славно извика: „Суперзамената повторно погоди“.
Ферклаф играше за Ливерпул до 1983 година (освои и три домашни титули, еден лига-куп и четири суперкупа на Англија), а потоа настапуваше и за Торонто, Луцерн, Норвич, Олдам, Беверен, Транмере и за Виган. За младата репрезентација на Англија одигра еден меч, но ниту еден за сениорите. Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Уште еден трикратен европски првак