Самолекувањето како супермоќ

Една од супермоќите што ги имаат некои животни е секако способноста за самолекување. На пример, кога на саламандер му расте нова опашка. Но што ако и луѓето би можеле да имаат таква супермоќ и да ги регенерираат своите изгубени екстремитети? Токму тоа го проучуваше тим на истражувачи од Универзитетот во Тексас. Тие беа во можност да предизвикаат регенеративен ткивен одговор кај глувци на кои им беше отстранет прст. Иако новиот прст што пораснал бил „несовршен“, резултатите се ветувачки. Истражувачите забележуваат дека не ја тестирале техниката на луѓе, но исто така дека биолошките сличности меѓу цицачите даваат надеж дека и нашите клетки би можеле да се регенерираат со вистински инструкции.
Како што истакнаа истражувачите, клучот е во примената на два протеина што испраќаат специфични сигнали – едниот создава суровина за регенерација, а другиот гради ткиво со неа.
– Ова е всушност процес во два чекора – објаснува регенеративниот биолог од Универзитетот во Тексас, Кен Мунеока.
Тој додава дека кога телото е повредено, фибробластите се испраќаат на местото на повредата за да создадат лузни. Додека се во рецептивна состојба, сигналниот протеин-фактор на раст на фибробласти 2 ги репрограмира тие клетки и ги става во состојба подготвена да се трансформира во бластем, привремена клеточна „пупка“ што животните како саламандерите ја користат за да го подготват ткивото за повторен раст. Потоа на сцената влегува коскениот морфогенетски протеин 2, кој испраќа пораки до бластемот да започне со градење врз основа на подготовките направени од претходниот протеин. Овие два протеина беа доволни за да ги „обноват“ коската, тетивите, лигаментите и зглобната структура на глушецот за време на тестирањето. Истражувачите нагласуваат дека за време на тестирањето „новиот“ прст понекогаш бил неправилно обликуван или премногу мал, но сите суштински делови биле присутни.
Мунеока истакнува дека во регенеративната медицина е вообичаено да се екстрахираат и користат матични клетки. Сепак, во овој пример тоа не било потребно.
Ова не е првпат научниците да се сомневаат дека и луѓето имаат регенеративни способности, туку тие се заклучени во човечкото тело. Доколку можат да ги пронајдат и отклучат, тоа би можело да ја револуционизира регенеративната медицина. Но на научниците е да го проучат детално механизмот на повторно растење и создавање изгубени екстремитети, пред какво било тестирање врз луѓе. Дури и ако не успеат да ја отклучат можноста за регенерирање изгубен екстремитет, употребата на оваа техника во реконструктивната хирургија би можела да овозможи подобро заздравување дури и на многу големи рани и да ги намали лузните.