Фото: Неимар/инстаграм

Нејмар стана најдобар стрелец на Бразил на сите времиња и го престигна легендарниот Пеле откако постигна два гола во победата од 5-1 против Боливија во Белем во првото коло од квалификациите за Светското првенство во Јужна Америка во 2026 година.

На 125 меѓународни натпревари, Нејмар постигна 79 гола, а Едсон Арантес до Насименто Пеле, кој почина на 29 декември минатата година, постигна 95 гола за националниот тим на 113 натпревари, но тука се вклучени и пријателските натпревари со Бразил, кои што Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) не ги признава, пренесе „Хина“.

Така, Пеле, трикратен светски шампион со Бразил (1958, 1962 и 1970 година), има постигнато 77 гола на 92 официјални натпревари од 1957 до 1971 година.

Нејмар, кој од летото настапува за саудискиот фудбалски клуб Ал Хилал, а е и капитен на бразилската репрезентација, има просек од 0,63 голови по натпревар.

Нејмар (31) натпреварот против Боливија го започна рамноправно со Пеле и можеше да го надмине во 17. минута кога шутираше пенал, но неговиот удар лесно го одбрани голманот Гиљермо Вискара.

Па така, Нејмар мораше да го чека второто полувреме во кое двапати беше успешен, прво во 61. минута, потоа во 90. минута. Родриго погоди двапати, додека Рафиња го постигна петтиот гол. Стрелец на единствениот гол за Боливијците беше Виктор Абрега во 78. минута.

„Многу сум среќен, немам зборови бидејќи не ни претпоставував дека ќе го постигнам овој рекорд. Од овој момент сакам да кажам дека тоа што го направив не значи дека сум подобар од Пеле“, изјави Нејмар на новинарите по натпреварот.