Фото: ЕПА

Мачида Зелвија, клуб формиран во 1989 година што беше нелигашка екипа до пред 15 години, има пет бода предност на врвот во џеј-лигата со уште 14 натпревари за играње. Тие никогаш не играле во најсилната лига во Јапонија пред сезонава

ФУДБАЛ

Пред осум години Лестер го изненади светот со освојувањето на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, но има уште поизразена и неверојатна приказна што се подготвува во јапонската Прва лига, пишува „Би-би-си“. Мачида Зелвија, клуб формиран во 1989 година што беше нелигашка екипа до пред 15 години, има пет бода предност на врвот со уште 14 натпревари за играње сезонава. Тој клуб, пред сезонава, никогаш претходно не играл во најсилната лига во Јапонија.
Никој не го предвиде тоа. Лестер имаше искусен интернационален тренер во Клаудио Раниери, но шефот на Мачида, Го Курода, е само во својата втора сезона како тренер на професионална екипа, пишува „Би-би-си“. Пред тоа беше задолжен за средношколска екипа. Исто како и во Англија во 2016 година, многумина чекаа да пукне балонот, но тимот од Токио останува самоуверен.
– Сакаме да ја освоиме титулата и го имаме тоа верување – изјави за „Би-би-си“ напаѓачот на Мачида, Мич Дјук.
Дјук, австралиски репрезентативец, кој постигна еден гол на Светското првенство во 2022 година, е само околу една година помлад од клубот во кој се приклучи во почетокот на 2023 година.
– Поминавме половина пат и игравме со сите. Можеме да му парираме на кого било во лигата, без разлика каква е историјата на другите тимови. Тие треба да нѐ бркаат – рече Дјук.
Раните победи над јапонските моќници Нагоја грампус, Кашима антлерс и Кавасаки фронтале беа импресивни, но Мачида нема да биде првиот промовиран тим што почнал добро пред да застане. Разликата досега е во тоа што, иако имаше порази, сините секој пат реагираа со добра серија.

Од средно училиште до големата сцена

Вкупно 28 години Курода беше задолжен за фудбалскиот тим во средното училиште „Аомори Јамада“, со седиште во градот Аомори во северниот дел на земјата. Ова е поголема работа отколку што звучи бидејќи средношколскиот фудбал е воспоставен дел од спортската средина во Јапонија, а националните финалиња, Аомори освои три под раководство на Курода, се масовен годишен настан што се игра пред голема публика и го гледаат милиони низ целата земја, пишува „Би-би-си“.
И покрај тоа, Мачида реши да почне нешто ново.
– Немам искуство како професионален играч и не знам какво е професионалното поле. Но да видиме што можам да направам – рече Курода по назначувањето во Мачида.
По импресивната промоција во повисок ранг во неговата прва сезона и кандидатурата за титулата овој пат, промената се исплатеше, но тука повеќе се работи за напорна работа отколку за среќа.
– Сите играчи точно знаат што сака од нив. Во нашиот тим владее немилосрдност и тренерот поставува одреден стандард и не се плаши од промени. Ако не тренирате доволно напорно, можете да се најдете надвор од тимот – вели Дјук.
Поранешниот јапонски репрезентативец и ѕвезда на Феенорд, Шинџи Оно, неодамна го набљудуваше тренингот на Мачида.
– Тоа беше како средно училиште, поточно, таков вид тренинг имав во средно училиште. Секоја сесија беше навистина тешка и сите го правеа тоа сериозно. Интензитетот беше толку висок. Мислам дека тоа се покажува во нивните игри – рече Оно.

Тим без ѕвезди

Вложени беа пари, но помага тоа што ова е тим без его и без ѕвезди, пишува „Би-би-си“.
– По промоцијата, имавме заминувања на играчи и доведовме 12 или 13 искусни професионалци, но не би рекле дека се суперѕвезди – рече Дјук.
Поранешниот јапонски дефанзивец, Ген Шоџи, беше ангажиран за да додаде искуство и лидерство во одбраната.
– Уживам во сезоната досега и полн сум со самодоверба. Сакаме да го подобриме она што го направивме во првата половина од сезоната, а тоа се одразува на нашите тренинзи, како и на нашите игри. Работиме напорно од претсезоната и сега сме навикнати на тој интензитет – изјави Шоџи во јули.
Нема сомнеж дека играчите напредуваа под водство на Курода. Напаѓачот на Јужна Кореја, О Се-Хун, толку многу импресионира сезонава што доби прв повик во репрезентацијата во јуни, а крилниот напаѓач Ју Хиракава му се приклучи на Бристол сити во јули.
Мачида не само што е ново име во највисокото ниво туку и стилот е нов, директен и агресивен, а топката брзо оди напред.
– Јасно се гледа дека играме на поинаков начин и статистиката го потврдува тоа. Работиме според нашите сили, како што треба секој тим, и имаме фудбалери што играат на одреден начин. Работиме напорно, цврсти сме како тим, многу сме интензивни и трчаме додека не паднеме. Ги форсираме грешките на ривалите високо на теренот, постигнуваме голови од тие шанси и не примаме евтини голови – рече Дјук.
Можеби традиционално силни клубови ќе почнат да ја надигруваат Мачида, но, ако сакаат да го сторат тоа, тоа ќе треба да биде наскоро, пишува „Би-би-си“.
– По неколку натпревари ги променивме нашите цели. Мислевме дека можеме да направиме нешто, можеме да одиме и да победиме. Тоа беше убав изненадувачки пакет за сите вклучени и ние го јаваме бранот – рече Дјук. Н.М.